АХВ донесе забрана за увоз и употреба на желудник од живина во производството на подготовки и производи од месо
Поради утврдени потенцијали ризици од употребата на мускулниот дел од желудникот на живината за здравјето на луѓето (можна контаминација со патогени – бактерии и вируси, присуство на токсини и сл.), а со цел обезбедување висок степен на заштита на јавното здравје и интересите на потрошувачите, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник наменет за човечка исхрана во производството на подготовки и производи од месо. Решението ќе почне да се применува од 1 август годинава.
Сите количини пилешки желудник што се претходно увезени и складирани операторите со храна треба да ги потрошат во рок од 60 дена од денот на почнувањето на примената на решението. Со цел превенирање можна злоупотреба на веќе увезените количини, во наредните два месеца инспекциските служби на Агенцијата ќе спроведуваат засилени контроли во малопродажните објекти во кои се продава месо, подготовки и производи од месо, како и во месарниците и месните индустрии.
Одлуката за забрана за увоз на пилешки желудници Агенцијата за храна и ветеринарство ја донесе врз основа на резултатите од направената анализа на ризик од можни опасности за здравјето на граѓаните од јадење ваков тип внатрешни органи од живина, а од досега спроведените инспекциски контроли е утврдена злоупотреба и измама на потрошувачите од страна на неколку месни индустрии. Со контролите утврдена е употреба на овој вид внатрешен орган од живина во подготовки од месо, каде што не смее да ги има во согласност со одредбите од правилникот за изменување и дополнување на правилникот за барањата во однос на квалитетот на меленото месо, подготовки од месо и производи од месо („Службен весник на РМ,“ бр. 42 од 21.2.2019 година). Со овој подзаконски акт забранета е употребата на некои внатрешни органи, вклучително и мускулен дел од желудник на живина, во производство на мелено месо и подготовки од месо, како што се плескавиците и ќебапите, а кои исклучително може да се подготвуваат од месо од говеда, овци, кози и свињи и други додадени состојки, но не и од пилешки желудници и МОМ (месно обескостено месо).
Употребата на мускулен дел од желудник на живина сега е дозволена исклучиво во производство на производи од месо (колбаси, сувомесни производи, конзерви и други производи), само во одобрен објект (месни индустрии) и само доколку наведените производи подлежат на соодветен термички топлотен третман.
За донесувањето на решението АХВ ги извести стопанските комори и Здружението на шпедитерите.