Косово стана најголемиот „снабдувач“ на Албанија со огнено оружје, што го потврдува полициската статистика, според која само во првите четири месеци од годинава се запленети 125 парчиња огнено оружје, од кои 75 се пиштоли, како и поголема количина муниција, јави Ора њуз.
Според истиот извор, загриженост за оваа појава изразил и првиот човек на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, Алтин Думани, наведувајќи дека „криминалните групи нарачуваат повеќе огнено оружје од типот пиштол“.
Само вчера полицијата во Тирана заплени 10 пиштоли, исто толку рамки за куршуми и поголема количина муниција, а уапси четворица косовски државјани.
– Шверцот со оружје е уште една криминална активност, која главно ги придружува групите вклучени во трговија со наркотици и се карактеризира со висока употреба на насилство. Во последно време е забележан растечки тренд на криминални групи кои дејствуваат во странство, а кои тука нарачуваат огнено оружје, од типот „пиштол“, а главен снабдувач останува Косово, изјавил тој.