МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕКОНОМИЈА УШТЕ ГИ ПРЕГЛЕДУВА БАРАЊАТА ЗА ИНВЕРТЕРИ, СТИГНАТИ СЕ 10.000, А ПАРИ ИМА ЗА 7.000 ДОМАЌИНСТВА

198

Во Министерството за економија уште се прегледуваат барањата за добивање ваучери за клима инвертери. Огласот беше распишаn на 2 февруари, а затворен по четири дена бидејќи за кус рок стигна поголем број барања.

„До Министерството се стигнати повеќе од 10.000 барања и во моментот комисиите за реализација на огласите ја финализираат работата во однос на прегледување на доставената документација. Воедно, Министерството за економија по службена должност се обрати до Министерството за труд и социјална политика и Управата за јавни приходи, кои дополнително треба да извршат проверки од нивна надлежност, согласно Програмата“, велат од Министерството за економија.

По завршувањето на целосната проверка, Министерството за економија ќе објави листи на баратели на кои ќе им бидат доделени ваучери. Тие ќе можат да се искористат заклучно со 30 ноември 2024.

Инвертерите ќе мора да се купат само од листата на трговски објекти со кои Министерството за економија ќе склучи договор. Уште не се знае ниту кои фирми конкурирале на огласот и се избрани. Од Министерството велат дека и тие ќе бидат објавени на неговата веб-страна заедно со листата на добитници на ваучери.

Согласно јавниот оглас за доделување на потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди во домаќинствата за 2024, ваучер во вредност од 25.000 денари по домаќинство беше предвиден за домаќинствата кои живеат во општините на Пелагонискиот Регион (Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени) и Југозападниот Регион (Вевчани, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа), за што се предвидени вкупно 100 милиони денари (1,62 милиони евра). Ваучер од 23.000 денари беше предвиден за домаќинствата во останатиот дел на земјата, односно Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот Регион.

За доделување ваучери за инвертер клима уреди во буџетот на Министерството се предвидени 4,1 милион евра.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content