Тоа што се чинеше речиси недостижно по поразот од 34:27 во Торсхавн не ја поколеба машката ракометна репрезентација на Македонија, која славеше со 34:26 над Фарски Острови во реваншот од баражот во Скопје и деветти пат, седми во низа, ќе игра на мундијалите!
Голот за 17. големо натпреварување за „црвено-жолтите“ го постигна Жарко Пешевски 27 секунди до крајот, а гостите потоа успеаја само да намалат, по што ерупција од одушевување ја зафати арената „Борис Трајковски“.
Дека е можно анулирање на големата негатива од средата најави првото полувреме, кое избраниците на селекторот Кирил Лазаров го добија со 19:15, а првпат ја имаа потребната предност од осум гола во средината на вториот дел, кога поведоа со 27:19.
Во преостанатата четвртина од средбата македонските ракометари имаа и девет погодока позитива, а одењето по жица до крајот заврши во полза на Македонија.
Пешевски беше непогрешлив од осумте обиди од линијата од 6 метри, а во нападот го следеа Филип Кузмановски со 7/15, Марко Митев со 6/8, Мартин Серафимов со 5/6 итн.