Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во прилепскиот крај беше во посета на полициските одделенија Кривогаштани и Ропотово и одделението за внатрешни работи Прилеп, каде одржа работни состаноци со раководниот кадар на тие организациски единици.
На подрачјето кое го покрива ПО Кривогаштани со 13 населени места безбедносната состојба е стабилна и оваа организациска единица е една од ретките каде кадровската пополнетост е на највисоко ниво.
Што се однесува до ПО Ропотово има недостаток на раководен кадар и што поскоро треба да се направат соодветни распоредувања со цел да се овозможи непречено функционирање на одделението.
ОВР Прилеп се соочува со недостаток на службени возила кои се неопходни за ефикасно постапување, но сепак во делот на реализирани кривични дела се бележи зголемена ефикасност во последните два месеци. За оваа полициска станица советот на Општина Прилеп избра командир, но од страна на Владата беше поништен актот доставен од моја страна поради што бев спречен да донесам решение за негово назначување се до вчера кога добив правосилна пресуда од Управниот суд со која е поништена ваквата незаконска одлука на Владата, па така во наредните денови ПС Прилеп ќе добие командир, констатираше министерот Тошковски.