Средни училишта од Прилеп, Струмица и Штип им забранувале на ученици да влезат на часови со кратки сукњи, скинати фармерки, пирсеви или брада, утврдена дискриминација

74

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација донесе мислење дека средните училишта: „Мирче Ацев“ од Прилеп, „Јане Сандански“ од Штип и „Јане Сандански“ од Струмица, вршеле повеќекратна индиректна дискриминација врз учениците, преку усвоени правила за надворешниот изглед на учениците.

Ако не се почитуваат овие правилата истакнати на таблите за Куќен ред на овие училишта, учениците не се пуштаат на настава, што е не само тешка дискриминација, туку и кршење на Законот за основно и средно образование, според кој образованието на децата е задолжително, под еднакви услови и без дискриминација. Со забраната за пристап на „несоодветните“ ученици, се крши и член 44 од Уставот.

Во претставките се најавува дека пријавените дискриминатори имаат усвоено Куќни редови и Кодекси за однесување и надворешен изглед на учениците, во кои се пропишува дека е забрането да се носат: големи нокти, пирсеви, маици на прерамки, хеланки, бермуди, шорцеви, кратки панталони, кратки маици, искинати фармерки, тренерки и кратки сукњи. Дополнително, овие правила пропишуваат дека дозволена должина на сукњите е само до колена или под колена, а панталоните мора да бидат исклучиво долги.

Воедно, овие правила пропишуваат дека секој ученик треба да внимава на својата фризура за време на наставата. Женските треба да имаат уредна и прибрана коса, машките не смеат да имаат долга коса, репче или брада.

Како мерка за непочитување овие училишта имаат предвидено казна – на учениците кои нема да изгледаат како описот на Куќниот ред и на Кодексот, нема да им биде дозволен пристап до училиштето, односно нема да бидат примени на настава.

Во прилог на претставките, подносителите ги фотографирале и ги поднеле до Комисијата за антидискриминација плакатите со дискриминаторските правила, залепени на влезовите на овие три средни школи.

Тие на Комисијата ѝ одговориле дека со ваквите правила намерата била да се истакне дека при остварувањето на наставниот процес, освен за едукација на учениците, треба да се води грижа и за нивното воспитување. Сметаат дека препораките се неутрални и оти пропишаните правила не се дискриминаторски, не стимулираат родови стереотипи, туку напротив, правилата се прилагодени за родовите различности и идентитети.

Комисијата за антидискриминација препорачува овие три средни училишта во рок од 30 дена од приемот на нејзиното донесено Мислење за повеќекратна дискриминација, да извршат измена на Куќните редови и Кодексот, со отстранување на правилата за надворешниот изглед на учениците и за ова писмено да ја известат.

Тие не смеат во иднина да носат подзаконски акти кои предизвикуваат дискриминација врз основа на род, родов идентитет, лично својство, имотна состојба или која било друга основа и кои не се во согласност со Уставот и законите на Република Северна Македонија.

Овие три средни училишта се поучени од Комисијата дека не смеат да се ставаат над законот. Упатени се дека член 57 од Законот за основно и средно образование прецизно ги уредува педагошките мерки поради повреда и неисполнување на обврските на ученикот, како и постапката за нивно изрекување.

Комисијата ќе го следи извршувањето на препораките до овие три средни училишта, кои ако не постапат, ќе бидат пријавени во суд.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content