Денеска во раните утрински часови, под раководство на предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал реализираше акција во која е сузбиена организирана криминална група која во периодот од август до ноември 2023 година извршувала кривично дело криумчарење мигранти. Извршени се претреси на пет локации во Скопје и Неготино, при што од слобода се лишени четири лица, додека за едно лице се преземаат мерки за негово пронаоѓање.
https://youtu.be/IX7A3dmTCTE
Постапувајќи по поднесената кривична пријава, надлежниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 12 лица. На сите осомничени им се става на товар дека сториле кривично дело Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти казниво по член 418-в од Кривичниот законик, а за петмина од нив постојат основи на сомнение дека сториле и кривично дело Криумчарење на мигранти по член 418-б од Кривичниот законик.
Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, денеска на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје му предложи определување на мерката притвор за петмина осомничени. Останатите осомничени се наоѓаат на издржување на затворски казни во Казнено – поправните установи Скопје, Идризово, Куманово и Гевгелија за претходно сторени кривични дела.