Пржинскиот договор, односно „пржинската“ или „техничка влада“ е преточена во закон, стои во актуелниот Закон за влада. Партиите треба да внимаваат на законските обврски кога шпекулираат за датум за избори. Последните 100 дена од мандатот според актуелниот закон треба да се формира техничка влада, значи 100 дена пред 5 Мај, како прв можен датум за парламентарни избори. Тоа е во законот и тој треба да се почитува, рече претседателот на Собранието Талат Џафери, вчера во гостување на ТВ 21.
-Сите што прават математика за парламентарните избори во 2024 година треба да имаат предвид дека за парламентарните избори, без разлика дали се редовни, мора да има техничка влада 100 дена пред 5 мај. Техничката влада треба да биде во последната недела од јануари. Договорот од Пржино е во сила и ќе има технички премиер, во врска со тоа ќе биде премиер Албанец, наведува Џафери во сегментите од интервјуто што ги пренесува телевизијата.
Техничкиот премиер, посочува, не е на опозицијата која во тој случај добива три министерства.
Претседател во првиот круг, како што вели, може да има само доколку гласаат 50 проценти од бројот на запишани гласачи.
-Милион и 1 глас и исто толку гласови за кандидат, во овој случај имаме претседател во прв круг. Ако нема излезеност, изборите се повторуваат како да не се одржале. Морам да распишам нови избори. Истата постапка се повторува, вели Џафери, пренесува ТВ 21.
Доколку во првиот круг од претседателските избори нема претседател, технички претседател станува спикерот на Собранието, во овој случај државата ќе ја води Талат Џафери.
„Енигма е дека Законот има дупка, која ја дефинира обврската првиот круг од претседателските избори да се одржи со цензус. Може да се изберат во првиот круг 50% плус 1 глас од гласачкото тело. Теоретски има 3 кандидати, излегоа 50% плус 1 гласач и сите ги дадоа на еден кандидат. Нема уставна одредба, што ако на првото гласање нема 50%+1 глас?“, рече Џафери на КликПлус на ТВ21.
Тој вели дека треба да има 21 ден разлика меѓу претседателските и парламентарните избори.
ВМРО-ДПМНЕ бара вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори да се одржат на ист датум
-Мора да се договори датум за редовни избори. Еве му еден предлог на Ковачевски. Нека земе бел лист хартија и нека напише кој било датум сака помеѓу двата најголеми верски празника идната пролет и да одржиме парламентарни и претседателски избори на еден трошок, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Претходно, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Гевгелија порача дека единствен ваков датум би можело да биде неделата на 5 мај, а поради тоа што на тој датум се паѓа Велигден, неговиот предлог е изборите да се одржат на 8 мај (среда).
„Во минатото сме имале пракса, така беше на последните избори 15 јули 2020 година, да и во среда имаме избори и затоа велиме дека 8 мај е повторно можен термин кога би се случил вториот круг претседателски заедно со парламентарните, би имало 72 часа рокови за жалби, за одлуки и така натаму и да се фати рокот од 12 мај да може новиот претседател да биде веќе инаугуриран. Ова е логиката“, изјави Христијан Мицкоски.
Тој ја повика власта на консензус околу единствен датум за одржување на претседателските и парламентарните избори.
Мицкоски ги повика другите политички партии да се договорат околу датумот, дополнувајќи дека не е расположен најпрво да се одржат претседателски, а потоа парламентарни избори.
„Што ќе одлучи овој еден месец да трошиме милиони народни пари, има ли логика, има ли разум, има ли некој таму кој што размислува нормално? И затоа велиме еве опција нека биде среда, да седнеме, да се договориме, да разгледуваме, да видиме дали од другата страна постои некое логично размислување здраворазумско и да ја дефинираме целата постапка“, изјави Мицкоски.
Ковачевски ја одби понудата на Мицкоски за предвремени избори
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека ќе имаме редовни избори, а нивниот датум ќе мора да биде договорен со сите политички партии во Собранието.
-Што се однесува до самите избори, мислам дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ прави замена на тези, бидејќи тој зборуваше дека ќе има предвремени избори, а јас зборував дека ќе има редовни избори. И на крајот ќе имаме редовни избори. Тоа значи дека она што јас сум го зборувал останало како така од првиот ден од кога разговаравме за изборите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ две години зборуваше на секои три месеци дека само што не се случиле предвремени избори коишто де факто и де јуре не се случија. Во однос на самиот датум, тој ќе мора да биде договорен со сите политички партии во Собранието, како и секогаш до сега како што бил договорен, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на отворањето на новиот објект за форензички испитувања на Министерството за внатрешни работи.
Премиерот нагласи дека кога ќе се дојде до заедничко прифатливо решение за сите, тогаш ќе може и да почнат роковите и организацијата на изборите.