Во услови на целосно откажани летови и блокиран авио транспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет е надминат преку соработка со „Air Serbia“ за транспорт на граѓаните кои побарале помош, соопшти вчера Владата посочувајќи дека трошоците за летот ќе бидат покриени од Буџетот.
Согласно одлуката донесена од страна на Владата, организиран е авионски превоз со чартер лет, на релација Тел Авив – Скопје, заради евакуација на сите државјани на Република Македонија кои сакаат да го напуштат Израел, и кои побарале да се вратат во Македонија.
Во насока на ефикасна организација на авионскиот превоз, Министерството за надворешни работи, преку Дипломатско-конзуларното претставништво – Тел Авив обезбеди список и информации за македонските државјани кои се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Република Македонија.
-Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Македонија, а дел од граѓаните кои се затекнаа во Израел, веќе се вратени во земјата меѓу другото и со специјални летови на пријателските држави на Република Македонија. Амбасадата и Министерството за надворешни работи остануваат отворени за сите прашања врзани со оваа проблематика, се наведува во соопштението од Владата.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера на прес-конференција информира дека од Израел досега се вратени 60 македонски државјани, од вкупно 150 кои побарале помош.