Трошоците за живот во септември во однос на истиот месец лани се зголемени за 6,6 отсто. На месечно ниво, односно намалувањето на трошоците во септември во однос на август годинава изнесуваат само 0,1 отсто.
Ова е незначително намалување ако се земе предвид дека мерката за гарантираните цени започна кон средината на минатиот месец. И натаму, трошоците на домаќинствата се зголемуваат за набавка на основните прехранбени производи.
Производи со гарантирана цена и луксизни прехранбени производи со зголемен ДДВ. Двете новини направија вистински хаос во маркетите, тоа го потврди и министерот за економија Крешник Бектеши кој вели дека утре целата листа на производи ќе се ревидира, а оние производи кои се со гарантирана цена нема да бидат со зголемен ДДВ од 10 отсто.
„Во случај ако тие производи од таа листа имаат некои технички грешки направено од страна на министерството за финансии тоа утре ќе биде ревидирано.“ – вели Бектеши.
Зголемувањето на ДДВто на стотици прехранбени производи од пет на десет отсто, за Бектеши но и премиерот Димитар Ковачевски не значи дека тоа ќе ја продлабочи инфлацијата во Македонија. Ковачевски уверува дека владините мерки даваат резултат.
„Благодарение на тие мерки имаме намалување на цените на основните прехранбени производи, што може да се види во секој маркет, имаме даночна стапка од пет проценти на производи кои што се со најголем број во однос на сите земји од регионот.“ – вели Ковачевски.
Владините мерки не го подобрија животот на граѓаните, ова го констатираа најголемиот дел граѓаните кои ги анкетираше денеска ТВ 24. И натаму граѓаните сметаат дека цените се неподносливо високи а месеците се потешко се поминуваат.
„Неверојатно, за многу голем број жители скапотијата е неподнослива.“
„Животот ми е секогаш од први до први. “
„Повеќе да се покачи и лужето што немаат пари бетер да немаат.“
„Какви бре гарантирани цени, нема ништо сменето.“
Владата сега очекува на крајот на годинава инфлацијата да биде на ниво од пет отсто, но прогнозите на Светска банка се дека таа ќе се зголеми и ќе изнесува девет отсто.
А на светските берзи има континуирано намалува на цените на храната и на суровините за производство на прехранбени производи. На годишно ниво падот изнесува 11 отсто, ова го објави меѓународната организација за храна ФАО. Меѓутоа овие тенденции не се почувствувани од страна на граѓаните бидејќи тие уверуваат дека нема подобрување во нивната куповна моќ.