Во ликовната галерија од Центарот за култура „Марко Цепенков” во Прилеп синоќа беше отворена изложбата „Моите соништа на монументални платна“ од академскиот уметник Кирил Гегоски – Гегата.
Гегоски се претстави со две големи платна и повеќе студии акрил на платно создавајќи кохерентна ликовна целина.
Според Викторија Димеска, историчар на уметноста, Гегоски создал нови апстрактно асоцијативни конотации и донесува нова концептуална свежина.
Со промислено и внимателно распоредување на асиметричните форми, уметникот создал хармонични и обединети композиции. Вметнувајќи ги кривите и динамични линии ја разигрува конструкцијата и ги дефинира асоцијативните форми. Со вибрантната колоритна звучност и тонската одѕвонувачка чистина Гегоски го поедноставил сложениот катактер на материјата и ја усовршил функцијата на бојата, рече Димеска.
Кирил Гегоски e годинашен добитник на наградата за животно дело на Прилеп. Во текот на својата богата творечка кариера, Гегоски има над 23 самостојни и над 30 групни изложби во земјава и странство.