Рурална коалиција по повод 15 октомври, Меѓународниот ден на руралната жена почнува едномесечна кампања за жените кои вредно работат земјоделие, сточарство, овоштарство. Емилија Пехчевска е пример дека шансата за добар живот и бизнис ја има пронајдено во Берово. Со нејзиниот сопруг одлучиле животот во Скопје да го напуштат и се враќаат во Берово каде што почнуваат со собирање на шумски плодови и нивна преработка во надалеку прочуените сокови и џемови од Малешевијата. Таа пред објективот на МИА ја раскажа својата приказна.
-Ние сме натурализирани Беровци веќе девет години живееме, егзистираме и работиме во Берово, а инаку сме преселени од Скопје, корените си влечат. Свекорот ми е Беровец, Малешевец отселен уште во млади денови во Скопје. Но, ние секогаш при посета на Берово бевме воодушевени и еден ден одлучивме со семејството да се вратиме и да го продолжиме животот таму, вели Пехчевска.
Емилија има мала семејна компанија, а со нејзиниот сопруг низ живопсната и се уште недопрена природа во Малешевскиот регион собираат капини, малини,шумски јагоди, рибизла, рибизла, аронија од кои прават џемови и сокови, а исто така собираат и билки. Своите производи го прадава преку социјалните мрежи, а страницата и е насловена „Беровски еколошки производи“. Таа не се жали на својата работа, туку со гордост и леснотија ја работи.
-Секоја работа си има своја тежина, не можам да кажам дека е лесно. Физички е напорно, исцрпувачко не е само таа работа, дополнително има и друга работа, не е само собирањето, туку и се она што носи таа работа, преработка, амбалажирање, продажба. Ова почна сосема случајно, кога ние се преселивме и се движевме низ прекрасните предели, собирајќи шумски плодови за наши потреби, за нашите дечиња и така се појави самата иницијатива да еден дел што ќе го собереме да го преработиме, вели Пехчевска.
Меѓу успешните приказни во Рурална коалиција е и на студентката Кристина Тодорова од Неготино. Студира на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, категорична е дека по студирањето ќе се врати во своето родно место, каде што имаат мал бизнис за производство на печурки.
-Јас секако дека ќе се вратам во мојот роден крај. Ние работиме со производство на печурки и мојот бизнис проект е инкубатор за печурки. Со години се занимаваме со производство и како агроном во оваа криза што се наоѓаме многу е важно да се произведува здрава храна и да биде достапна во маркетите, вели Тодорова.
Кристина со љубов го работи производството на печурки, а нејзината визија е да го прошири производство на повеќе видови на печурки, а кои ќе бидат произведувани од страна на млади невработени лица. Посочи дека мал е интересот за студирање на нејзиниот факултет, но смета дека преку ваквите успешни приказни на младите може да им се даде поттик да се запишат на Земјоделскиот факултет.
Претседателката на Рурална коалиција, вели дека согласно податоците кои ги имаат од Заводот за статистика жените на нива, но и во фармите и бачилата работат рамо до рамо со мажите.
-Имаме над 170.000 земјоделски стопанства кои се регистрирани или евидентирано, во зависност од тоа дали земаат субвенции или не и во речиси во сите од нив жените работат рамноправно со мажите, кога говориме само за жените тогаш говориме за бројка од повеќе од 38.000, коишто се регистрирани како индивидуални земјоделци и какошто ви кажав нивната бројка е поголема, бидејќи не сите се регистрираат во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Тука и беше и нашата цел да ги испромивираме и тие жени, кои се надвор од системот, но произведуваат храна, или прават различни преработки, какошто се џемови слатка, колачи, торти, декорации, традиционални украси, вели Јоноска.
Продажбата на земјоделски производи освен на пазарите, стана хит и на социјалните мрежи
Македонските потрошувачи се враќаат на купување на домашните производи на пазарите, но хит станаа и социјалните мрежи, каде што има платформи и групи кои ги нудат своите производи, од млеко, сирење, урда, печурки, преработка на овошје и на шумски плодови. Јоноска од Рурална коалиција вели дека производителките на храна ги обидинуваат во „Наша тезга“.
-Конкретно ние го отворивме првиот женски рурален е пазар „Наша тезга“, којшто на 3 декември ќе слави една година од своето постоење, ако ви кажам дека почнавме со 40 жени, сега имаме над 150, кој се дел од овој пазар и којшто успешно ги промовираат и исто така ги продаваат и своите производи. Ако можам да кажам дека нешто позитивно се случи од Ковид кризата и од она што во моментот ни се случува, тоа е токму поддршката на овие жени и менувањето на навиките да купуваме исклучиво од пазар. Всушност ние сакавме да направиме еден таков он лјан пазар, каде што секоја од жение си има буквално своја тезга, па може да се запознаете со неа, да ја прочитате нејзината приказна и традиција на производство, да видите нејзините производи и буквално да си изберете производ од која жена ќе го купите, вели Јоноска.
Пехчевска од Берово успешно ја прави продажбата на своите производи, токму преку социјалните мрежи, каде што ги и промовира своите преработки од шумски плодови. Но смета дека во овој простор има нелојална конкуренција.
-Она што е наша определба е да бидеме уникатни во квалитетот, а со тоа се разбира дека и цената треба да биде соодветна. Луѓето не знаат, мислат дека ако најдат за 50 до 100 денари поевтин производ го купиле она вистинското. Значи за тоа е потребно многу време и труд и да се создаде круг на лојални конзументи, со којшто може да се продолжи соработката, вели Пехчевска.
Рурална коалиција промовира 25 жени, кои успешно ја поминаа првата Меѓународна академија за жени-претприемачки од руралните средини.