Постои основано сомнение дека на 6 септември годинава осомничената лишила од живот 70-годишен маж од Кавадарци со кого била во блиски лични односи. По расправија во куќата на оштетениот, започнала физичка пресметка меѓу нив во која сега починатиот ја удрил осомничената по лицето, а таа му скршила филџан од главата. Тој ја фатил за косата и ја влечел кон бањата. Осомничената дофатила кујнски нож од масата со кој му задала неколку убоди во пределот на стомакот и градите. Од ударите жртвата паднала на подот, по што осомничената продолжила да му задава убоди додека не престанал да дава отпор. Потоа врз неговото тело истурила ракија и средство за дезинфекција и го потпалила. Оштетениот кој се уште бил жив се обидел со рацете да го изгасне огнот што горел по неговото тело, но од убодите и изгорениците кај него за кратко време настапила смрт.
Осомничената останала во станот 20-тина минути, по што излегла, ја заклучила влезната врата и заминала. Телото на починатото лице беше пронајдено на 8 септември, по што беше извршен увид на лице место, а осомничената беше лишена од слобода во текот на вчерашниот ден.
Надлежниот јавен обвинител оцени дека во конкретниот случај постои очигледна опасност осомничената да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, па до Основниот суд во Кавадарци достави предлог за определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.