Во кусото соопштение на македонскиот тим, се потврдува дека во фокусот на дводневниот состанок биле учебниците по историја, но, сепак, се нашло време и за жешката тема Гоце Делчев.
“Врз основа на претходно утврден дневен ред членовите на Комисијата разговараа за учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев. Во однос на учебниците по историја тема на дискусија беа средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура. Со оглед на долготрајноста на дискусијата по оваа тема членовите на Комисијата не отворија други теми”, се вели во соопштението на македонските историчари.
Бугарските, пак, со спротивно тврдење. Делчев не беше тема на разговор, а напредок нема.
На заедничко чествување на Делчев жестоко се противи здружението на историчарите. Велат, секој обид за негово комисиско врамување ќе биде потврда на бугарските тези дека Делчев бил Бугарин.
Политичарите од власта, пак, не гледаат ништо спорно во заедничко чествување. Велат, Комисијата работи на тоа Делчев да биде точка на поврзување со Бугарија, а не на конфликт.
Македонските и бугарските политичари во февруари годинава заеднички одбележаа 150 години од раѓањето на Делчев.
Тогаш копретседателот Ѓоргиев изјави дека станува збор за политички гест на добра волја, а не за одлука на историската комисија и дека речиси две години работат на усогласување на текст во кој треба да бидат претставени идеите зошто двете држави би требало заеднички да го слават Гоце Делчев.