Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва го усвои референдусмкото прашање кое ќе гласи: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија објавен во Службен весник од 18.01.2017?“.
Лидерот на партијата Христијан Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува интеграција на Македонија во рамките на Европската Унија без никакви дилеми, но не поддржува асимилација, промена на историски факти, откажување од посебноста на јазикот и идентитетско обезличување.
„ Овој Извршен комитет следи по широките консултации кои ги направив изминатиот месец дена. Разговарав и се консултирав со експерти и професори по уставно право, коалициските партнери, пратениците при што заеднички стигнавме до решение кое беше потврдено едногласно од страна на Извршниот комитет.
Се донесе одлука да граѓанска иницијатива за собирање на потписи за распишување на референдум и во наредната недела ќе собереме најмалку 100 квалификувани потписи со што таквата иницијатива ќе биде доставена до Собранието. На оваа иницијатива прво потпишан ќе бидам јас, Извршниот комитет на партијата, пратениците. По што очекувам Собранието во брзи рокови да ја легитимира и одобри иницијативата по што ќе започнат роковите за собирање на 150 илјади потписи за распишување на задолжителен референдум, повторувам задолжителен референдум.
Референдумското прашање ќе се однесува на Договорот за добрососедство со Бугарија кој Заев го склучи со Борисов. Тој е изворот и почетокот на сите проблеми за Македонија и основата по која потоа Бугарија ги темелеше своите максималистички барања и позиции, затруеното дрво раѓа затруени плодови. Раскинувањето на овој договор ќе значи раскинување на барањата за промена на учебници, спорење на јазикот историјата, културата итн.
ВМРО-ДПМНЕ ќе повика да се гласа за престанување на важноста за договорот со Бугарија.
Очекувам власта да дозволи да се изјасни народот и да се стави крај на уцените притисоците и кочењата на Бугарија. Ова да биде одговор на народот за својата Македонија и за нашата заедничка иднина“ порача Мицкоски.