Прво не ги скенираше сметките за гориво кои имаат поголем поврат, а сега воопшто не можам ниту да се логирам, коментираат граѓаните.
Бурни се реакциите и на социјалните мрежи, каде се коментира дека ова не е фер и дека се прави намерно од страна на институциите за да не можат да ги вратат парите.
– Очекуваат на 40 степени да одиме да скенираме на нивните пунктови, па навистина не е хумано, коментираат дел од нив.
Од УЈП смируваат и велат дека ќе ја информира јавноста,кога ќе заврши процесот на ажурирање на софтверот и корисниците повторно ќе можат да користат напреден начин на скенирање.
Се молат граѓаните, корисници на апликацијата да имаат разбирање додека трае процесот на прилагодување, додаваат од УЈП.
Мерката МојДДВ, е мерка за граѓаните и средствата од таа мерка се враќаат кај граѓаните.
Секој телефон, има свој софтвер за читање бар кодови. Но, овој основен начин на скенирање, базиран на можностите на телефонот не е доволен за сите граѓани да можат брзо и ефикасно да ги скенираат бар кодовите од фискалните сметки Затоа УЈП во апликацијата мојДДВ, користи дополнителна надградба на софтверот за да се овозможи напреден начин на скенирање, со што ќе се изедначат можностите на сите граѓани, без разлика каков телефон поседуваат. Но, со менувањето на технологијата е потребно и унапредување на напредниот начин на скенирање. Поради прилагодувањето на апликацијата на новиот технолошки развој, на понапредниот начин на скенирање, во моментов е возможно да се користи единствено бар код читачот кој го овозможува телефонот, појснуваат оттаму.
Во однос на фискалните сметки, тие велат дека тие имаат важност и може да се скенираат во рок од десет дена од издавањето, до кога очекуваат и да се заврши процесот на прилагодување.
Во меѓувреме, ако има сметки кои се издадени пред 21 јули, 2022 година и не се скенирани пред да почне процесот на прилагодување, истите ќе може да ги скенираат на бар код читачите или киосците кои се поставени во просториите на Управата за јавни приходи.