Курсот е наменет за граѓаните на Грција кои имаат малку или немаат воопшто познавање на стандардниот македонски јазик, за сите возрасни групи. Сите лекции се достапни во ПДГ формат PDF и видео формат. Наставниот јазик ќе биде грчкиот.
За пристап до материјалите на курсот, од учесниците се бара да се регистрираат, користејќи валидна е-пошта.
Центарот за македонски јазик во Грција е локална невладина организација основана во 2022 година од граѓани на Грција. Центарот неодамна поднесе барање за регистрација до властите во градот Лерин и се очекува одлука во наредниот период.
Примарната цел на Центарот е зачувување и негување на македонскиот јазик во Грција. Активностите на Центарот се групирани во три основни области: образование, застапување и документација. Центарот ќе дава поддршка во напорите и легитимните заложби за идно воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта (основно и средно) и универзитетите во Грција, лоцирани во регионите Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија. Поддршка за идното можно основање на педагошки училишта/одделенија во рамките на постојните универзитети во Грција, во насока на обучување и образовно квалификување на локални наставници по македонски јазик, како и подготовка на соодветна наставна програма и наставни материјали.
Центарот дава поддршка на легитимното барање за признавање на македонскиот јазик како малцински јазик во Грција, вклучително и за ратификација на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за малцински јазици од страна на Парламентот на Грција.
Поддршка на иницијативи за заштита на јазичните права на говорителите на македонски јазик во Грција, вклучувајќи го правото непречено да користат свој јазик во приватната и јавната сфера, правото да ги користат нивните традиционални семејни презимиња, правото да регистрираат културни здруженија со цел негување на етнокултурниот и јазичниот идентитет…
Се планираат и јавни кампањи за пробив и унапредување на јавната употреба на македонскиот јазик во Грција од страна на неговите говорители, вклучително и преку употреба на традиционалните топоними на населените места во северна Грција, заедно со сегашните топоними.
Веќе се работи и на дигиталната база на податоци за традиционални топоними и утврдување на областите, околиите и населените места во Грција каде што се зборуваат македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности во поголема или помала мера. Дигитално документирање на различните дијалекти на македонскиот јазик кои што се зборуваат во Грција за архивски и истражувачки цели.
Документирање на сите поединечни случаи на кршење или попречување на човековите права врз етничките Македонци, говорителите на македонскиот јазик и граѓаните на Грција, како и говорот на омраза во јавната сфера насочен кон нив од разни јавни или приватни ентитети, соопшти Центарот за македонски јазик во Грција.