Започна 48-то издание на фестивалот на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски” (Фото галерија)
Вечерва на камента бина на плоштадот “Александрија” во Прилеп, започна 48-то издание на фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.
Повеќе од 300 изведувачи на изворниот мелос од сите краишта на земјава вечерва во Прилеп и утре на Рудина кај Долнени, ќе ги разлеат гајдата, кавалот, зурлите, тапаните и ќе ги изведуваат изворните песни што се дел од богатото македонско фолклорно наследство.
Утре во Долнени ќе бидат прогласени најдобрите изведувачи. Манифестацијата вклучува и настани кои започнаа деновиве како и придружни активности.
Во ликовниот салон во Центарот за култура „Марко Цепенков“ денеска од 11 часот е симпозиумот на тема „Фолклорот во минатото и денес“ , а деновиве се одржуваше и семинарот за изучување на изворните инструменти. Учествуваа десетина млади кои со талентот сакаат да ја продолжат фолклорната традиција.