АЕК на 6 април објави намера за спроведување постапка за тендерот, а јавната расправа траеше до 13 мај.
„По завршувањето на јавната расправа до АЕК пристигнаа Писма за искажување интерес од следниве заинтересирани страни: Неотел-за Одобренија: В41, В44, В45 и В46, А1 Македонија- за Одобренија: А3 и В2 и Македонски Телеком-за Одобренија: А2 и В3. Во прилог на Писмата за искажување на интерес, заинтересираните страни доставија и предлози и коментари по однос на јавната расправа за Намерата“, објави АЕК.
На 25 ноември лани АЕК објави тендер за доделување одобренија за користење радиофрекфенции за петтата мобилна генерација 5Г, но тендерот беше прекинат по постапката на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) откако беше поднесена претставка на една од заинтересираните страни, во која се тврди дека со дел од понудените услови за влез на нов мрежен оператор се нарушува конкуренцијата на пазарот.
Со намерата од 1 јуни лани надоместите за фрекфенцискиот опсег од 700 MHz А1 и Б1, кои се однесуваат на нов оператор, се зголемени од три милиони евра на 5,25 милиони евра, односно од 1,5 милиони евра на 2,9 милиони евра.
Во пресрет на претходниот тендер писма за интерес за учество по објавата на АЕК на 1 јуни годинава доставија компаниите Неотел, Битстрим Мобиле, Македонски телеком и А1 Македонија.
Тогаш Неотел достави писмо со интерес за одобренија: В41, В44, В45 и В46, Битстрим Мобиле-за одобренија А1 и В1, А1 Македонија- за одобренија: А2, А3, В2 и В3, а Македонски Телеком-за Одобренија: В2, А2 и/или А3.
Бројот на активни претплатници во мобилна телефонија заклучно со крајот на 2021 година изнесуваше 1.941.352. Последната анкета на АЕК покажува дека најголем дел од корисниците на мобилната телефонија или 96,3 проценти имаат паметни телефони, додека мобилен интернет користат 91,6 проценти. Три четвртини од корисниците користат апликации за гледање видео клипови или филмови, додека приближно 99 проценти или речиси сите корисници кои користат мобилен интернет, користат апликации за комуникација. Најчесто користени апликации за комуникација се Viber (97 проценти од корисниците) и Facebook Messenger (96 проценти од корисниците).