По 22 часот, во Собранието завладеа напната атмосфера откако претседателот Џафери нареди да се заклучи вратата на собраниската сала, за да можат службите да ги пребројат присутните пратеници.
По ова, пратениците од опозицијата се собраа пред претседателот на Собранието, и бурно реагираа. Тој бараше од нив, да направат список на пријавени за збор по 15 точка – Дополнет предлог на закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам. Опозицијата реагираше и зошто Собранието продолжува со работа толку доцна.
Состојбата се смири откако службите ги пребројаа пратениците по што вратата на салата беше отклучена. Во салата беа присутни 38 пратеници.
Претседателот на Парламентот Талат Џафери рече дека, согласно Деловникот, Собранието може да работи без кворум, но не може да одлучува.
Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара да се расправа по првата точка од дневниот ред, Годишен извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права 2021. Но, немаше услови за гласање по предлогот на Мицевски, поради недоволниот број на присутни во салата.
Инаку, вечерва заврши расправата по Дополнетиот-предлог закон за вршење на сметководствени работи, кој е 14 точка од 71 седница.