И од СДСМ сметаат дека Владата презема мерки и се справува со предизвиците што ги наметна енергетската криза и дека не се потребни избори. Премиерот Димитар Ковачевски неколкупати досега изјави дека лидерска средба нема да се одржи ако на неа се разговара само за барањето на опозицијата за предвремени избори.
„Веќе кажавме дека средба за предвремени избори не треба да се одржи зашто такво барање доаѓа во услови на најголема енергетска и економска криза. Ни претстои најтешката зима со која ќе треба да се справиме и за што деноноќно правиме планови“, изјави Ковачевски во петокот.
Бојкотот на Собранието од страна на опозицијата, според Ковачевски, е несериозен, бидејќи таму се носат закони кои се од интерес на граѓаните.
„Секоја политичка партија треба да биде одговорна и да го даде максимумот за да се носат закони кои го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните. Не постојат закони кои не влијаат на општествените процеси во позитивна смисла и не може Собранието да се смета за супермаркет каде некој ќе одлучува кој закон ќе помине, а кој нема да помине“, порача Ковачевски во саботата.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за денес најави седница на Извршниот комитет на партијата на која ќе се разгледаат следните чекори што ќе ги преземат. Партијата останува на ставот да се блокираат сите закони кои сметаат дека се штетни.
„Ова е стратегија што многу ќе трае. Нема да биде инстант акција која што ќе заврши денеска или утре. Не очекувам дека луѓето туку така ќе ја напуштат фотелјата“, изјави Мицкоски во саботата.
Од вторникот, опозицијата почна со активна блокада на Собранието која најави дека ќе трае сè до постигнување договор за датум за предвремени парламентарни избори. Одлуката беше донесена на седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 4 мај, а подразбира, како што најавија од партијата, „попречување на штетните закони и политики”.
Теренската анкета која од 6 до 26 априла ја спроведе ИПСОС за потребите на ВМРО-ДПМНЕ покажува голема предност на оваа партија.
За ВМРО-ДПМНЕ, доколку утре се одржат парламентарни избори, би гласале 22 отсто од испитаниците (1.000), а за СДСМ 12,9 отсто. ДУИ има поддршка од 6,2 отсто од анкетираните, Левица од 5,4 отсто, додека зад нив се Алијанса за Албанците со 2,8 отсто, БЕСА со 2 и Алтернатива со 1,3 отсто. Повеќе од 10 отсто од испитаниците изјавиле дека нема да гласаат на наредните избори, 15,8 отсто од нив одбиле да одговорат.
Лошиот стандард, ниските плати и пензии, високите цени се најзначајните проблеми за анкетираните, бидејќи над 20 отсто од нив го заокружиле токму ова поле.
Од СДСМ велат дека целата македонска јавност имаше можност да види како се спроведуваат анкетите коишто се по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ.
„Но, како и да е ова е уште еден доказ за паниката кај Христијан Мицкоски и неговата нервоза поради фактот дека секојдневно неговиот рејтинг опаѓа, соочен со фактот дека и фотељата во белиот дворец не е сигурна и соочен со фактот дека изборите кои ќе се одржат 2024 година дефинитивно тој ќе ги загуби“, велат од СДСМ.