Четириесетина тезгаџии, со регистрирани фирми и со намирни давачки кон државата и кои со години продаваат на прилепскиот Градски пазар, бараат итна дислокација на се’ побројните диви препродавачи околу Пазарот. Во спротивно, се закануваат дека од идната недела ќе го затворат Пазарот.
„Сите ние сме легално пријавени во УЈП, задолжително си ги подмируваме сите давачки кон државата по основ на данок, а воедно и по основ на закупнина кон самата институција „Пазари“…Пазарниот и комуналниот Инспекторат со Полицијата да ги расчистат узурпираните јавни површини кои со Закон не се предвидени како продажни места“, – вели Николче Трајкоски, претседател на Здружението „Пазари“, Прилеп.
Во борбата за секој денар, а условена од кризата, тезгаџиите велат дека заубите од овој долгогодишен хаос со дивите препородавачи, сега им се огромни, најмалку за 50 проценти. А исто така укажуваат и на крајно нехигиенските услови во кои тие ги продавале градинарските производи.
„ВЦ стана Катната гаража…Значи, катастрофа, хигиена никаква. Јас не знам и луѓево, граѓаниве како купуваат, како пазарат ?!“, – рече Ѕвонко Мирчески, сопственик на регистрирана фирма со тезга.
Наспроти ваквите тврдења на тезгџиите, дивите продавачи се правдаат дека и тие се со регистрирани фирми и си плаќаат закупнина за просторот каде што им се поставени камионите.
„Не сме против Пазараот. Ние сакаме и пазарот да печали некој денар..Ние сме прашале, директор, пазар и ни дозволи директорот, пазарот..Си плаќаме месечно тука. Ни излегува месечно 13.000 денари..ВЦ имаме, си плаќаме 10 денари, а за бањањето, еден ден продаваме, другиот ден си одиме дома и се бањаме…“, – обајснува дивиот продавач од с. Баница, струмичко.
Директорот на ЈКП „Пазари“, Игор Крстески денеска беше службено отсутен, но во телефонскиот разговор ни рече дека во вторник ќе има средба со тезгаџиите со цел да се изнајде солуција која би одговарала за сите инволвирани страни.
Инаку, проблемот со дивите препродавачи се провлекува со години. Тие најчесто се од струмичкиот крај, а нивните камиони – тезги, освен на паркингот околу Пазарот, ги има и во близина на Железничката станица, каде многу често реагираат и жителите од таа населба кои се жалаат на нехигиената, а неретко и на агресивноста на препродавачите. Пред десетина години, тогашната локална власт направи обид да ги дислоцира на локалниот Кванташки пазар.