Целта на “1st Freelance Conference” е да го поддржи дополнителниот развој на „фриленс” еко–системот, да одговори на најважните прашања со кои се соочуваат активните чинители во фриленс-заедницата и дополнително да мотивира активно вклучување во глобалната фриленс економија.
Конференцијата се организира како дел од RECONOMY програмата – регионална инклузивна и зелена програма за економски развој на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), имплементирана од HELVETAS Swiss Intercooperation во партнерство со Impact Foundation и други организации во Источното партнерство и Западен Балкан.
– Навистина сме среќни што за прв пат ќе имаме можност на едно место да ја собереме домашната freelance заедница и претставниците на најважните чинители кои се тесно поврзани со нивното функционирање, да поставиме прашања, да споделиме искуства и на крај да излеземе со повеќе знаења што ќе донесат еден дополнителен boost во севкупниот развој на фриленс еко-системот, велат организаторите.
Во фокусот на овогодинешната конференција ќе бидат четири водечки теми: „Законски и административни предизвици во градењето на кариера во фриленсинг”; „Социјални права на здравствено и пензиско осигурување за фриленсерите”; „Трендови за дигитални вештини на пазарот на труд” и „Вклучување на разнородни социјални групи во фриленсинг”. Исто така ќе биде организиран и панел со успешни домашни фриленсери кои со присутните ќе ги споделат своите приказни и искуства во нивната лична фриленсерска „експедиција”.