За конечен договор меѓу МОН и СОНК се чекаат пресметки од Министерството за финансии

40

За зголемување на платите на вработените во образованието повеќе од 12-те отсто понудени од Владата потребни се пресметки од Министерството за финансии за што Министерството за образование и наука сега не располага со податоци, соопшти лидерот на СОНК Јаким Неделков по денешната рунда преговори со МОН во рамки на десетдневниот рок за помирување кој почна минатиот четврток.

-Доаѓаме до некакви заеднички ставови. Сепак има нијанси на размислување за дополнително зголемување на процентот од 12 проценти, меѓутоа кога, за колку итн., тоа се детали кои се уште ги утврдуваме, а за жал ниту министерот не може да излезе официјално со став бидејќи се уште нема точни информации од Министерствотио за финансии, изјави Неделков.

Според него, преговорите може сериозно да бидат нарушени доколку на вработените не им бидат исплатени дневници за деновите кога штрајкувале.

-Доставивме барање или иницијатива до МОН за исплата на дневници врз основа на колективен договор. Имаме основ за тоа и скоро сме сигурни дека ќе бидат исплатени во дејноста образование. За жал, имаме проблем во труд и социјална политика, што може да биде сериозен проблем за нарушување на процесот на преговори, додаде Неделков.

Првите десет дена законски рок предвидени за медијација за решавање на спорот истекуваат в недела кога ќе има нова рунда преговори меѓу СОНК и МОН.

Рокот за медијација е десет дена за усогласување на ставовите и ако не се постигне договор односно една од страните не е задоволна, преговорите ќе продолжат за уште десет дена.

На 28 април СОНК соопшти дека штрајкот, кој почна на 11 април, ќе го стави во мирување и наставата ќе продолжи, откако добил известување од Министерството за труд и социјална политика за законска одредба за мирно решавање на спорот со медијација.

-Ќе мора да постапиме согласно закон и штрајкот да го ставиме во мирување. Тоа значи дека одлуката за влегување во генерален штрајк ја ставаме во мирување сè додека не се реши спорот. Убедени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот. Доколку не се усогласиме со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука, штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам дека до тоа нема да дојде, рече Неделков минатиот четврток.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content