Kој освен медиумите денеска уште работи без пари?

23

Ние новинарите од внатрешноста реагираме на официјалното соопштение од таканаречените  еснафски организации во врска со нивното по втор пат  отфрлање на иницијативата за укинување на членот 102 од Законот за медиуми донесен во 2018 година, со кој се забранува медиумите да наплаќаат пари за своите услуги од локалните и државните институции, со што, како еснаф сме доведени во подредена состојба и сме на работ на нашето постоење како медиуми и како новинари.

За работите да станат појасни РЕАКЦИЈАТА на  АЛРА – Асоцијација на 50 локални радио станици во Македонија ( во која што членува и Радио Пела)ја објавуваме во целост:

„Почитувани колеги од ЗНМ, ССНМ, МИМ И СЕММ, ако можам така да ве наречам колеги. Бидејќи сега гледам дека вие сте целосна спротивност од нас кои работиме во медиумите и секојдневно се грижиме да ги информираме граѓаните (поширокиот аудиториум) кои се заедно со нас, а ние дел од нив. Се прашувам, кои тоа новинари вие ги претставувате, кој синдикат го застапувате, колку вие им имате помогнато на медиумските работници во изминатите 20-30 години?

Ако самите не си ги овозможиме минималните плати по пазарна основа, можеме едноставно да потпишеме капитулација и да си бараме работа во некоја државна институција, како што впрочем вие и многу наши колеги го направивте тоа.

Зборувате за штетни последици, за поткопување на независноста, за корумпираност, за штета од правото за информирање на граѓаните.

Епа драги наши, вие кои се декларирате за наши заштитари и поддржувачи, никогаш не сте нѐ контактирале и прашале за мислење, а од вашите удобни фотелји донесувате решенија и заклучоци во наше име. Во името на Здружението на новинарите, во името на Синдикатот кој треба да ги застапува правата на новинарите, на некојси Институт за медиуми, или Совет за етика, пак во име на медиумите. Во името на новинарите и медиумите аплицирате за средства од државни институции и амбасади, располагате со нив, како што сакате и по ваш личен избор, без да се консултирате со базата на која толку сочно се повикувате (претставувајќи се како некаков еснаф) и испраќате соопштенија во ваше име, а не во наше, до Претседател на Влада, до Претседател на Собрание, до Претседател на Република, Европски прашања, Информатичко општество и каде ли уште не!

И што барате – да работиме без пари. Кажете ни кој освен медиумите денеска уште работи без пари?

Цели пет години веќе лиферуваме соопштенија, информираме за активности на Влада, министерства, градоначалници, локална самоуправа, комунални претпријатија и уште еден куп локални и државни организации и институции. И тоа цели пет години. И замислете ни се молат преку и-меил да ги почестиме бесплатно, затоа што Законот не дозволувал да ни платат. И тоа цели пет години.

Пишувате лаги дека сме го изгубиле своето влијание поради пораст на популарноста на дигиталните медиуми. Па, многу брзо заборавате дека скоро сите традиционални, прераснаа и во дигитални медиуми, а со тоа и популарноста неколкукратно ни порасна. Но што имаме ние од таа популарност, ако работиме за „лепе очи“ што велат соседите. И вие уште од наше име пишувате писма, дека реагирате на најавите за укинување на забраната за рекламирање според фамозниот член 102 кој не постои во ниту една современа држава.

Не дека и порано ние локалните медиуми сме имале некоја голема корист од државните и локалните институции, но сме биле барем „капа за глава“. А не во голем минус како сега. Си завршил факултет по новинарство, или било која друга струка, си се определил да работиш во медиум и преживуваш само од бизнис секторот, на кој сме му благодарни за досегашното опстојување. А вие драги наши се борите државните и локалните власти да ги честиме и во иднина.

За крај, пријатно сме изненадени од најавата, како вие што нѐ известивте, за укинување на членот 102 и искрено се надеваме дека таа ќе се реализира, зошто никој не треба да им верува на ставовите на самонаречените еснафски новинарски медиумски организации (горенаведените) без да се консултура со директните извршители, а тоа се новинарите и медиумите. И немојте да ги делите: без медиуми нема новинари и обратно без новинари ќе нема медиуми. Останете со здравје и гледајте си ја својата работа, оти заборавивте дека и вие некогаш бевте новинари“, СЕ ВЕЛИ ВО РЕАКЦИЈАТА ОД Илчо Лазаровски, Радио Кочани ФМ, АЛРА – Асоцијација на 50 локални радио станици во Македонија, СО КОЈА РАДИО ХОЛИДЕЈ ВО ЦЕЛОСТ СЕ СОГЛАСУВА.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content