На овој марш, заеднички ќе упатиме порака дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, сѐ уште не уживаат еднакви права во речиси ниту еден аспект од нивните животи, на работа или дома, во политиката и социјалниот живот. Маршираме бидејќи држава во која жените не се вклучени како еднакви, е држава во која нема напредок! Општество во кое жените се сиромашни и лишени од своите права е општество кое е сиромашно!, велат организаторите.
Тие додаваат дека на маршот сакаат да ги посетат клучните институции дека отсуството на политики, стратешки документи и механизми кои го поддржуваат унапредувањето на родовата еднаквост и правата на жените значи дека институциите дозволуваат системска дискриминација и насилство, како и дека женската сиромаштија демне во сите аспекти од општествениот живот, а е особено изразена поради пандемијата со Ковид-19, што довело до голем број на отпуштања во индустрии како текстилната, каде најголем дел од вработените се жени, но како што посочуваат, ковид-мерки и механизми за економско зајакнување на жените отсуствуваат.
Жените и понатаму не се ниту близу подеднакво вклучени во креирањето на политики и мерки, како и носење одлуки, кои ќе ги земат предвид потребите на сите граѓан(к)и. Онаму каде нема квоти, како што се извршната и локалната власт, одлуките ги носат доминантно мажи – само четири жени, наспроти 17 мажи во Владата, две градоначалнички, наспроти 79 градоначалници во локалната власт. Промени мора да има, велат организаторите.
Маршот за правата на жените ќе се одвива според однапред определена рута, со почеток во 12:00 часот, пред Влада каде по обраќањето на организаторите, ќе се продолжи по предвидената рута. Маршот ќе заврши во Паркот Жена Борец, со обраќање до јавноста и институциите.
Маршот е во организација на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права. Платформата за родова еднаквост е независна и неформална мрежа на македонски граѓански организации за женски права составена од 27 организации и мрежи кои здружено делуваат во насока на унапредување на родовата еднаквост.