Како што информираше Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари” кое со локалната самоуправа го организира карневалот посочувајќи дека оваа година 20-тиот по ред Прилепски карневал е со републички карактер.
„И оваа година како и претходните 20 години се собравме во центарот на Прилеп за да учествуваме на меѓународниот карневал „Прочка“ кој оваа година е републички. Времето не послужи , немаме дожд иако е облачно што значи дека голем број на посетители ќе ги видат нашите маски кои се одлични“, посочи Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари”.
Градоначалникот Борче Јовчески го отвори карневалот велејќи дека : Скромно, но сепак во духот на вековната традиција и прилепските и македонски обичаи, со гордост денес го празнуваме празникот Прочка кој што од верски аспект претставува манифестација на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните.
„Јас како градоначалник сакам пред сите вас во духот на нашата традиција да побарам прошка со цел да покажам дека сите сме луѓе пред се, без разлика на нашите функции и сите треба најпрвин да се почитуваме и да си простуваме. Прилеп е препознатлив по многу работи, многу културни настани и фестивали а денес со гордост кажуваме дека карневалот „Прочка“ е еден од најпознатите и најголемите карневали во Република Македонија. Чест ми претставува што после пауза од 2 години ја продолжуваме традицијата за денес да славиме 20-ти карневал „Прочка 2022“. Ограничени од здраствените протоколи годинава имаме учесници само од Република Македонија, но цврсто веруваме дека догодина ќе го вратиме во целост сјајот на прилепскиот карневал Прочка“, истакна градоначалникот Јовчески.
Маските се креативни- традиционални, современи, поединечни и групни. Почетокот на дефилето го означија мажоретките и секако мечкарите кои го имаат својот ритуал на бркање на злите духови. Од карневалската атмосфера беа воодушевени сите присутни и среќни зошто по пауза од две години Прилеп повторно го враќа духот на традицијата.
Карневалот „Прочка 2022“ заврши со заедничка забава и концерт на групата ФОЛТИН на централната бина на плоштадот “Методија Андонов – Ченто“.