При предавањето на клучот Костадинов истакна дека струмичките карневалисти се единствените кои ја имаат привилегијата да бидат локална власт без избори.
Убавиот повод кој е пред нас, ни дава до знаење дека нашиот клуч е клуч за отворање, клуч кој ја покажува отвореноста и гостопримството на Струмица и струмичани за сите добронамерници, онака како што тоа го покажува и скулптурата „Струмичанка под маска” која го краси овој наш плоштад, рече струмичкиот градоначалник.
Претседателот на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов, кој го прими клучот во име на карневалистите, вети дека за време на нивното владеење ќе направат се да ја оправдат дадената доверба.
-Свесни сме дека годинава не сме во состојба да ја достигнеме масовноста на Струмичкиот карневал, но затоа ќе се обидеме да го надополниме тоа со убавината на нашите маски кои се надевам дека временските услови ќе дозволат да блеснат во сиот свој сјај, рече Цицимов.
По предавањето на клучот се одржа промоција на монографијата „Струмичко чудо”, а беа доделени и благодарници на карневалски групи, спонзори и институции кои дале придонес за Струмичкиот карневал по повод 30 години од обновувањето на вековната традиција.