Причина е порастот на цените на горивата, вештачките ѓубрива и другите трошоци. Бараат и сите производители на ориз да добијат од владините Ковид мерки, а не само оние што го предале производството до Нова година, бидејќи тврдат дека е откупена одвај една петина од годинешнава реколта.
Бараат и промена на сегашниот систем на функционирање на Водостопанство, бидејќи во ова ЈП претпријатие ја гледаат најголемата вина за доцната сеидба на оризот.
-Денес имаме нова ситуација во оризопроизводството – зголемени цени за репроматеријалите, а откупната цена на арпата е непроменета, па дури и се намалува. Бараме со финансиската поддршка од три денари за килограм арпа, обезбедена од КОВИД мерките, да бидат опфатени сите оризопроизводители, наместо само некои, а рокот да биде продолжен до септември оваа година. Останатите субвенции да бидат исплатени до крајот на февруари и да се зголеми поддршката за „зелена нафта“. Исто така, бараме да се реорганизира акционерското друштво за водостопанство, односно да се врати како порано, на ниво на општина и водни заедници, кога самите земјоделци можеа да се организираат околу наводнувањето на површините. Ако не се сретнеме со министерот или со премиерот, ќе ги блокираме и двете коловозни ленти на магистралниот пат, истакна Тони Максимов, земјоделец од Облешево. -Бараме минималната откупна цена на арпата да биде 40 денари за килограм, што е економски оправдана и логична, иако и со неа нема да живееме, туку ќе преживуваме. Не бараме ништо повеќе од тоа што го работиме да ни биде платено, да можеме да ги покриваме сите наши потреби. Минатата година една вреќа вештачко ѓубриво чинеше 650 денари, а сега е 1.650 денари, се прашувам како ние со вакви трошоци да излеземе на крај. Ќе чекаме од министерството или Владата некој да дојде, за да не бидеме принудени целосно да го блокираме патот, истакна Здравко Арсов, земјоделец од Облешево.
Поддршка на оризопроизводителите им даде и здружението “Тиквешки лозар“ од Кавадарци, како и тутунарите од регионот, чии претставници присуствуваат на денешниот протест во Облешево.