Вечерва во 20 часот ќе биде затворена апликацијата за попишување во земјата, но и апликацијата за самопопишување на дијаспората, информира Државниот завод за статистика.
Во поголемиот дел од општините низ државата теренските активности се завршени и таму се одвиваат технички активности на раздолжување на попишувачите.
Во одредени средини, попишувачите се на терен и се уште посетуваат домаќинства за никој на да не биде испуштен.
Ова се изолирани случаи во кои попишувачот не успеал да оствари контакт со граѓаните и да ги попише и затоа Државниот завод за статистика апелира до сите граѓани кои се сè уште непопишани, да ги посетат пунктовите во своите општини и да се попишат. Исто така, и во зградата на Државниот завод за статистика, на ул.Даме Груев бр.4, постои пункт каде што можат да се попишат лица од целата територија на град Скопје, информираат од ДЗС.
Денеска е последниот ден од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година. Остануваат уште неколку часа во кои ќе се одвиваат последните проверки на теренот и во 20 часот ќе можеме да објавиме дека конечно, после 20 години, Државниот завод за статистика успешно ја реализираше најголемата статистичка операција, се вели во соопштението од ДЗС.