Според Муцунски, Индија денес е една од главните приказни за успех на нашето време, а нејзиниот забележителен раст, технолошко лидерство и претприемачки дух ги трансформираа не само регионот, туку и глобалната економија.
Муцунски посочи дека во 2025 година, билатералната трговија со Индија достигна речиси 132 милиони американски долари, што е речиси двојно повеќе од нивото од претходната година.
„Тоа е охрабрувачки, но е само почетокот. Нашата амбиција е поголема. Сакаме повеќе трговија, повеќе инвестиции, повеќе заеднички вложувања. Повеќе компании кои работат заедно за да создадат вредност во двете наши земји“, рече министерот Муцунски.
Тој посочи дека државава е посветена на зајакнување на владеењето на правото, подобрување на бизнис климата и на извозот и обезбедување инвеститорите да најдат не само можност, туку и влада подготвена да биде нивен долгорочен партнер.
„Наоѓајќи се на крстопатот на Југоисточна Европа, горда сојузничка во НАТО и цврсто посветена на европската иднина, нашата земја им нуди на индиските компании конкурентен влез во регионот и на европскиот пазар“, посочи Муцунски.
