152 милиони денари исплатени на сметките на 6755 сточари
Повеќе од 152 милиони денари на име на прозиведено и предадено овчо, кравјо и козјо млеко од втора фаза, се префрлени на 6755 сточари, соопштија од Платежната агенција.
Средствата од оваа мерка се свеж капитал што треба да им помогне на сточарите да ја обезбедат потребната количина на храна за презимување на стоката, смета директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски.
„Преку мерките од програмите за земјоделство и рурален развој, создаваме поволни услови за подобрување на сточниот фонд, зголемување на домашното производство на млеко, а со тоа и обезбедување на суровина за домашните капацитети за производство на млеко, млечни производи како и домашно произведено месо. Пандемијата со „Ковид 19“ уште повеќе ја нагласи потребата од здрава, безбедна храна. Владата, Агенцијата и Министерството ќе продолжат да создаваат поволни услови за одржливо земјоделство, негова модернизација, со што ќе се овозможи задоволување и на домашните потреби со земјоделски производи, но и за извоз“, вели Бабовски.
Исто така тој вели дека непречно ќе се одвива и неселективната исплата на субвенции за сите оние кои имаат законско право за добивање на финансиска поддршка во земјоделството.
„Земјоделството е наша шанса за успех. Затоа сите заедно да работиме на производи со додадена вредност што позитивно ќе се одрази и врз земјоделците, но и врз бруто домашниот производ“, порача Бабовски.