Ќе има ли утре настава во училиштата

58

Министерството за образование и наука ја известува јавноста дека и од понеделник, за кога е најавен штрајкот од страна на раководството на Синдикатот за образование, наука и култура – СОНК, основните и средните училишта ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно – образовен процес.

Правната регулатива во оваа област ги штити интересите и на учениците. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно-образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година.

Прекин не смее да има, освен во услови на вонредни околности како постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година.

Училишните раководства имаат законска должност да го организираат воспитно – образовниот процес и да овозможат продолжување на континуитетот на следење на настава во училниците, кој беше воспоставен откако по година и половина едукација на учениците во вонредни околности и услови на пандемија, тие повторно се вратија во училишните клупи, каде што впрочем им е местото.

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков денеска ќе одржи прес – конференција на која ќе бидат презентирани потребните информации непосредно пред најавениот штрајк во детските градинки, основните и средните училишта.

СОНК за утре најави генерален штрајк, бидејќи на минатонеделните средби со Владата не се договорија за исполнување на нивното барање за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4 проценти.

Ова барање е со цел усогласување со порастот на минималната плата во државата од 15.199 на 18.000 денари што веќе стапи на сила.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content