Штрајкот во образованието ставен во мирување – дел од членството на СОНК незадоволно

39

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) го стави штрајкот во мирување откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот. Од денес, учениците треба да се вратат на настава, но дел од членството на СОНК незадоволно од најновата одлука на синдикатот вчера протестираше барајќи одговорност од првиот човек на синдикатот. Велат дека оние деца што ќе дојдат во училиште, нема да бидат вратени.

– Сите оние кои утре ќе дојдат во училиште, ќе бидат прифатени. Ние ќе бидеме во училиште, ако дојдат деца, ќе ги примиме. Ако треба ќе држиме и настава, изјавија дел од наставниците кои вчера се собраа пред седиштето на СОНК.

Порачаа дека не им се важни процентите за зголемување на платите, туку колективните договори. Се чувствуваат изиграни од претседателот на синдикатот.

– Се ретерира без знаење на членството и се носи одлука за која членството не е информирано. Тука сме да изразиме револт. Ние сме базата, ние сме членството и должен е Неделков да дојде и да објасни зошто ја промени одлуката, изјавија незадоволните членови на синдикатот.

Одлуката дека штрајкот се става во мирување ја објави претседателот на СОНК Јаким Неделков, кој изјави дека е направена консултација со правни лица и дека мора да се постапи согласно законот. Најави дека доколку во периодот на мирно решавање на спорот, не се изнајдат соодветни решенија, штрајкот повторно ќе биде активиран.

– Ќе мора да постапиме согласно закон и штрајкот да го ставиме во мирување. Тоа значи дека одлуката за влегување во генерален штрајк ја ставаме во мирување се додека не се реши спорот. Убедени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот. Доколку не се усогласиме со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука, штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам дека до тоа нема да дојде, изјави Неделков.

Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а првичниот рок е 10 дена.

– Доколку за 10 дена една од страните не е задоволна, се бара формирање на дополнително тело на помирување, така што максимум за 20 дена треба да заврши постапката, вели Неделков.

Од СОНК се надеваат дека платите ќе бидат зголемени, дневниците за време на штрајкот нема да бидат скратени и дека колективните договори за основно и средно образование и за детска заштита ќе бидат потпишани и утврдени со рокови.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content