Штрајкот во обвинителствата продолжува

45

Штрајкот во обвинителствата ќе продолжи понатаму, соопшти денеска претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски, на прес-конференција пред Основното јавно обвинителство.

Тој ја поздрави вчерашната одлука од седницата на Влада, каде се формираше работна група за преговори составена од министрите за финансии, за информатичко општество и администрација, и за правда, вицепремиерот за економски прашања и претставници на Синдикатот на УПОЗ, како репрезентативен синдикат, на која што ќе се решава за барањата за покачување на платата за 78 отсто и враќање на додатоците на плата.

Се очекува оваа работна група да почне со работа во рок од седум дена, како што е наведено во информацијата на Влада.

-Само сакаме да ги известиме дека првата средба ќе бараме дефинирање на рокови. Таа работна група да ја заврши работата во најдолг рок од 10 работни дена. Доколку не се договориме и не ги прифатат нашите услови штрајкот ќе продолжи на поригорозен начин и нема да се работат никакви работни задачи во обвинителството, дециден беше Деаноски.

Доколку не се договорат за време на предвидените рокови, на штрајкот ќе се приклучат и вработените во судовите и правобранителството, што би значело дека целото правосудство нема да извршува никакви работни задачи.

-Очекуваме од страна на министрите да имаме плодни разговори и плодни преговори и во најбрз можен рок да најдеме начин и решавање на нашите барања. Доколку не најдеме, како што кажав, прекинуваме со работа, ќе блокираме и други институции, штрајкот ќе станува од ден на ден се поригорозен, а имаме најави дека на овој штрајк ќе се приклучуваат и други државни органи, рече Деаноски.

Претседателката на Синдикална организација при јавни обвинителства при Синдикатот на УПОЗ, Изабела Илиева кажа дека нема да отстапат од нивните барања за покачување на платата за 78 отсто и 35 отсто за додатоците на плата, а веќе побарале од министерот за правда со итна постапка да се донесе законот за јавно обвинителска служба, за кој, како што вели, треба заеднички да преговараат, бидејќи со него се регулира висината на платата, како и додатоците на плата.

-Доколку мислат дека ќе почнеме да се пазариме за 5 и 10 отсто покачување на плата воопшто да не почнуваме. Барањата ни се 78 отсто со 35 отсто додатоци, сериозно нека си го сфатат тоа, нема да попуштиме и поради тоа да не се залажуваат, да не го влечат времето. Најмногу 10 дена даваме за преговори. Доколку ништо од тоа не биде штрајкот ќе биде уште поригорозен, рече Илиева.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content