Новогодишната потрошувачка кошничка со намалени цени се проширува со нови прехранбени производи. На само една недела од применување на кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе – Се грижиме“ новогодишната потрошувачка кошничка со намалени цени од најмалку 10 проценти се проширува и истата опфаќа над 700 прехранбени производи, соопштија од Владата.
Владата носи мерки со кои граѓаните конечно го добиваат она кое го заслужуваат, пристојни услови за живот и вистинска грижа за нивните реални потреби.
Согласно Законот за заштита на потрошувачите треба да биде земена најниската цена од претходниот месец, значи од 15 ноември до 15 декември и на таа цена да има најмалку 10 проценти намалување на производите.
Во новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
Секој производ на рафтовите во маркетите ќе биде соодветно означен, а листата ќе има можност да се проширува и во следниот период.
Мерката ќе важи еден месец односно од 15 декември 2024 година до 15 јануари 2025 година.