Црна Гора и Албанија пред неполн месец беа примени во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) како први земји од Западен Балкан, а Македонија очекува наскоро да се приклучи како 39. членка на овој систем на плаќања на Европската унија кој ги поедноставува банкарските трансфери деноминирани во евра.
Во едно промотивно видео на Европската унија, се посочува дека со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, целта е трансферите на пари да се обработуваат за неколку минути, а не со денови. Истовремено, трошоците по трансфер ќе бидат значително помали, од 2-3 евра по трансфер, што годишно на регионот ќе му донесе заштеди од 500 милиони евра.
Но, што е СЕПА и кои се придобивките од пристапувањето кон овој систем?
СЕПА е иницијатива на Европската унија која започна да се реализира во 2008 година со цел поедноставување на плаќањата во новата заедничка валута – евро односно зголемување на ефикасноста и воедначување на условите за извршување на националните и прекуграничните плаќања преку интегрирање на тогаш фрагментираните национални пазари во единствен домашен пазар за плаќања во евра.
Членството во СЕПА се смета за начин да се забрза економската интеграција на регионот на единствениот европски пазар пред да стане дел од Унијата и значително да ги намали трошоците за трансакциите и во регионот и со ЕУ.
Како што посочува Европската централна банка на нејзината интернет страница благодарение на СЕПА, клиентите можат да вршат безготовински плаќања во евра – преку кредитен трансфер и директно задолжување – до каде било во Европската унија, како и до голем број земји кои не се членки на ЕУ, на брз, безбеден и ефикасен начин, практично исто како и националните плаќања.
Од ЕЦБ нагласуваат дека интеграцијата на плаќањата поттикната од СЕПА придонесе за ефикасноста и конкурентноста на европската економија како целина преку елиминирање на разликите помеѓу националните и прекуграничните плаќања преку усогласување на стандардите во сите земји учеснички.
СЕПА беше лансирана од страна на европската банкарска и платежна индустрија со поддршка на националните влади, Европската комисија, Евросистемот и други јавни власти. Бидејќи СЕПА не само што го усогласи начинот на кој се вршат безготовинските плаќања во евра, туку и го заврши воведувањето на еврото како единствена валута, Евросистемот имаше многу силен интерес за успехот на проектот СЕПА.
Кои земји се дел од СЕПА
СЕПА главно се состои од:
• 27 земји-членки на Европската унија (ЕУ)
• 3 земји од Европската економска област (ЕЕА)
• 8 земји кои не се членки на ЕЕА, на кои географскиот опсег е проширен
Како што се појаснува во документ на Европскиот совет за плажање (ЕПЦ) референците за Црна Гора и Албанија ќе бидат додадени во догледно време, а најдоцна до март 2025 година.
Пристапувањето во СЕПА областа подразбира исполнување на голем број на регулаторни барања во платежната сфера, но и во сферата на спречувањето перење пари и финансирање тероризам.
Во изминатите години во нашата земја активно се работеше на усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ преку транспонирање на голем број на директиви и регулативи во овие сфери, што создаде основа за презентирање на правната и функционалната еквивалентност на домашната регулатива со законодатвството на ЕУ најпрвин пред Европската Комисија, а потоа и пред Европскиот совет за плаќања, како две клучни институции во процесот на одлучување за пристапување во СЕПА.
Како се одвива процесот на пристапување кон СЕПА?
Постапката подразбира прво, да се достави апликација до Европската комисија за добивање на неформално мислење (на крајот на април оваа година, Народната банка, претставувајќи ги давателите на платежни услуги во земјата над кои има регулаторни и надзорни надлежности, ја достави апликацијата), потоа, по добивањето на евентуални забелешки кои треба да се разрешат, апликацијата формално се поднесува до Европскиот совет за плаќања (European Payment Council – EPC), кој треба да даде оцена и да одлучи за пристапот во СЕПА.
Истовремено, банките во земјата ќе треба да работат на прилагодување на своите информациски системи со цел исполнување на техничките барања за пристапување во платните системи во СЕПА областа. За сето ова, ќе биде потребно време, поради што се очекува дека ефективното пристапување во СЕПА областа би се случило на среден рок односно во следните неколку години.
Зошто е важно пристапувањето кон СЕПА?
Во интервју за „Независен“, во јуни годинава, директорот на Дирекцијата за платни системи во Народната банка, Игор Величковски, посочи дека СЕПА им овозможува на граѓаните и компаниите од земјите членки да вршат безготовински плаќања во евра каде било во СЕПА областа под еднакви услови, користејќи ги платежните сметки и воедначен сет на платни инструменти.
За таа цел во СЕПА областа се воспоставени повеќе платни системи (платежни шеми) во кои давателите на платежни услуги учествуваат директно или индиректно, што овозможува брза и ефикасна размена на информациите за плаќањето и меѓусебно порамнување, во споредба со поскапите и временски подолгите коресподентни аранжмани на деловните банки што би ги користеле доколку не се приклучени во платните системи.
Така на пример, плаќањата со кредитни трансфери (кај нас познати како платни налози) од било која земја членка се вршат со стандардизиран сет на податоци кои овозможуваат брз и едноставен пренос на парични средства од платежна сметка на плаќачот на платежна сметка на примачот, во неговата или било која друга земја членка. За повторливи плаќања (на пр. плаќања сметки за електрична енергија, топлинска енергија, вода, и сл) граѓаните и компаниите може да го користат инструментот директно задолжување кој му овозможува на добавувачот на овие услуги, директно и редовно да ги наплатува од платежната сметка на корисникот на услугите, без разлика дали е отворена кај давател на платежни услуги од истата или друга држава во рамки на СЕПА областа, за што секако корисникот претходно дал согласност.
Која е разликата од сегашниот начин на плаќања преку банките?
Како што објасни Величковски во интервјуто за „Независен“, за потребите на извршувањето плаќања со странство, домашните банки имаат отворено сметки во повеќе странски коресподентни банки на коишто чуваат ликвидни парични средства, како за сопствените, така и за плаќањата на клиентите. Согласно со договорените коресподентски услуги, доколку примачот на паричните средства има сметка кај таа странска банка преносот на парични средства се врши директно на неговата сметка од коресподентската сметка на домашната банка, во нејзино име или во име на клиентот, односно плаќачот.
Меѓутоа, многу често примачите се со сметки во други банки различни од коресподентната банка, поради што оваа банка ги користи своите коресподентски односи со другите банки за пренос на паричните средства до крајниот примач. Потребата од постојано одржување на високо ликвидни средства, кои вообичаено не се предмет на некаков надоместок (позитивна камата), како и вклучувањето на повеќе коресподентни банки во преносот на паричните средства предизвикува продолжување на времето за реализацијана на плаќањето и поскапување на истото.
Од друга страна, пристапот до СЕПА ќе овозможи домашните банки да бидат учесници во платните системи преку коишто се извршуваат плаќањата во евра во оваа област што ќе овозможи директно порамнување на трансакциите со деловните банки од земјите-членки, кои исто така се учесници во овие платни системи. Поради тоа, преносот на парични средства ќе биде побрз и поевтин имајќи предвид дека комплексните коресподентни аранжмани ќе бидат избегнати.
Оттука, главните придобивки за банките се однесуваат на можноста да учествуваат директно во платните системи во СЕПА областа за разлика од тековните состојби кои условуваат користење само на услугите на коресподентните банки кои наплатуваат одредени надоместоци кои ги поскапуваат прекуграничните плаќања во евра.
Со директен пристап до платните системи, домашните банки ќе можат да ги намалат своите трошоци за извршување на плаќањата во евра. Ова ќе резултира во намалени надоместоци за граѓаните и компаниите во земјата, но и побрзи и поедноставни прекугранични плаќања во евра. Овие користи се многу значајни за граѓаните и компаниите имајќи предвид дека најголем број од прекуграничните плаќања се извршуваат во евра. Така, во 2023 година преку банките во земјата се извршени во евра 87% од вкупните одливни прекугранични плаќања, односно 77% од вкупните приливни прекугранични плаќања.
Црна Гора и Албанија
Инаку, во соопштението по повод примањето на Црна Гора и на Албанија во СЕПА, се вели дека двете земји напредуваа на патот на европската интеграција со тоа што станаа првите земји од проширувањето кои се приклучија на географскиот опсег на Единствената зона за плаќања во еврото (СЕПА) по зеленото светло од Европскиот совет за плаќања (ЕПЦ).
Ова е практичен пример за влијанието на Планот за раст, иницијатива на ЕУ за забрзување на социо-економската интеграција на Западен Балкан во ЕУ, вклучително и преку прогресивен пристап до одредени области на единствениот пазар на ЕУ врз основа на усогласување со правото на ЕУ.
Како резултат на одлуката на Европскиот совет за плаќања, давателите на платежни услуги од овие две земји ќе имаат можност да се придржуваат до различните шеми СЕПА, што е дел од посебен процес управуван од ЕПЦ.
Што е Европскиот совет за плаќања
Европскиот совет за плаќања (ЕПЦ) е независна, меѓународна непрофитна асоцијација формирана од 79 членови кои се даватели на платежни услуги (PSPs) или здруженија на PSP. Формиран е во 2002 година од страна на европската банкарска индустрија за развој на европски инструменти за електронски плаќања во евра. Денес, близу 4.000 банки и други даватели на платежни услуги учествуваат во шемите СЕПА.
Оттогаш, во близок дијалог со засегнатите страни, ЕПЦ разви, меѓу другото, „шеми“, како што се СЕПА кредитен трансфер, СЕПА инстант кредитен трансфер, SEPA Direct Debit (SDD) Core и SDD Business- шеми за плаќање на бизнис. Овие шеми, кои олеснуваат над 50 милијарди трансакции во 36 земји секоја година, редовно се ажурираат и подобруваат од страна на ЕПЦ за да помогнат во реализацијата на лесно прекугранични плаќања во евра.