Согласно добиените барања од компаниите, зголемувањето на цената на струјата би било за 27 проценти, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски на прес-конференција рече дека почнуваат анализите за цената на струјата и дека до крајот на следната недела се очекува да се донесат цените за МЕПСО, МЕМО и Електродистрибуција.
ЕСМ понудил 57 евра наместо 53 евра за мегават час и наместо обезбедување на 100% од вкупните потрошувачи, ќе се обезбедат 95% за малите домаќинства.
Регулаторна навлегува во анализи на барањата и очекувам дека до крајот на следна недела ќе ги донесеме цените за МЕПСО за пренос, за МЕМО за организирање на пазарот и за Електродистрибуција за дистрибуција на енергијата до потрошувачите. Потоа ЕВН ќе достави цена која треба да биде ја помине контролата во РКЕ и нашата одлука ќе биде обврзувачка за нив. Ќе бидеме максимално транспарентни и нема да дозволиме граѓаните да почувствуваат ценовен шок благодарение на иновативните решенија кои ќе ги понудиме – информираше претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Според него, ќе има зголемени трошоци за набавка на електричната енергија, бидејќи ЕВН ќе ги набавува на слободен пазар оние 5% кои нема да му ги испорача домашниот ЕСМ, а цената во моментов е 130-140 евра за мегават час, односно многу повеќе од загарантираните 57 евра за мегават час.
Во однос на воведувањето на пристап до мрежа, претседателот на РКЕ потенцираше дека тоа нема да биде нов трошок за потрошувачите и дека се ќе биде во рамки на одобрениот приход на компаниите.
Никој нема да заработува пари од она што како цена ќе го определи РКЕ. Надоместокот ќе значи намалување на цената на мрежарината – нагласи Бислимовски.