Откако се поскапе премногу, па власта реши конечно да реагира и на некои производи цените се спуштија за 10-15%, иако поскапеа некои за над 50%, премиерот Димитар Ковачевски трет пат прошета во маркет пред камери.
Овој пат го начекаа граѓани кои на премиерот му ја укажаа реалната слика во земјава поврзана со цените и колку се тие покачени.
– Цените се до плафон. Со два денари макарони и денар на јајца кои беа 99 денари тоа не е мерка. Дојде тежок животот, не можеме да купиме ниту лекарства со тие пари – му се обрати една повозрасна жена на премиерот.
Ковачевски најверојатно неспремен за ваков одговор, се оправда со војната во Украина, па се пофали дека работеле во заштита на граѓаните.
– Точно е дека се зголемени цените затоа што се води војна во Украина. Она што направивме е замрзнување на цените со што се намалија цените за десет отсто. Ја замрзнавме цената на јајцата и на оризот. Сега се поевтини и за десет проценти од тоа што беше. Таму каде што не можевме да стигнеме до џентлменски договор, донесовме одлуки на Влада, рече Ковачевски.