Фазлиу: Корумпираните властодршци предизвикуваа уништување и очај 20 години, а сега плачат, оти ја губат власта!
„Англискиот историчар Џон Далберг-Ектон рекол: ‘Апсолутната власт апсолутно те корумпира!’ Но, апсолутната власт и го претвора човека во НЕЧОВЕК! Замислете сега апсолутната 20-годишната власт во какви суштества ги претвори овие наши властодршци, кои ги гледаме толку денови додека плачат поради губењето на власта! Апсолутниот властодржец одлучува за судбините на луѓето, но обично одлучува лошо, сее само уништување и очај! Сум имал другари, кои се смениле само поради партиските позиции: кога ДУИ им даде малку повеќе власт тие се претворија во суштества, кои не ги познавам повеќе!“ – вели Беким Фазлиу, поранешен пратеник на Демократската партија на Албанците, во својата колумна со наслов „Да ги оддалечиш овие луѓе од власта е најдоброто нешто“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“.
Натаму, Фазлиу пишува: Луѓето стануваат плен на култот на сопствената величина, на култот на поединецот, создавајќи така како последица култ на подлизурковци. Овие неостварени суштества ги лекуваат своите фрустрации, улижувајќи му се на врховниот водач. Апсолутните властодршци го губат чувството за реалноста. Стануваат зависни од власта, исто како наркоманот од дрогата, или како коцкарот од коцката!
Тешко е нив да ги урнеш од власта со нормален демократски процес, бидејќи тие сè контролираат. Ги контролираат вработувањата, судовите, обвинителството, полицијата, економијата, културата. Имаат многу медиумски платеници. Во голема мера ги контролираат изборните комисии на избирачките места, го контролираат, го заплашуваат и го уценуваат гласачот! Тие се обидуваат и да ја контролираат демократијата. Сево ова го прават само за да го нахранат своето болно и алчно „јас“, за да ги лекуваат своите комплекси.
Да ги отстраниш овие луѓе од власта е најдоброто нешто, што може да му се случи на овој народ! Сум имал другари, кои се смениле само поради партиските позиции: кога ДУИ им даде малку повеќе власт тие се претворија во суштества, кои не ги познавам повеќе! Власта без отчетност е опасно нешто!