Угостителите бараат неповратна финансиска помош

44

Туризмот и угостителство можат да бидат неповратно оштетени и голем број ентитети од овој сектор да згаснат, доколку итно и неодложно не се исплати поддршката предвидена со петтиот пакет на мерки и не се обезбеди дополнителна директна и неповратна финансиска помош, предупредува Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Претпријатијата од овие сектори остро реагираат поради задоцнетата имплементација на последниот пакет на економски мерки. За секторите кои бележат пад на промет од над 80 отсто, а во некои дејности падот е и 100 отсто оваа помош е повеќе од неопходна. Поддршката за исплата на платата за јануари воопшто не е предвидена, а за месеците февруари и март иако до сега веќе требаше да биде исплатена, се уште се чека на донесување на законската регулатива која е неопходна за имплементација. Состојбата дополнително се влошува и поради тоа што носењето на новите рестриктивни мерки кои значат речиси целосно затворање на објектите од угостителство, дел туризмот и сродни објекти, не е проследено со дополнителна финансиска помош. Рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните се пред се, но сметаме дека паралелно со нивното носење треба да се креира и додели соодветна помош за претпријатијата.

 

Следејќи ги активностите на надлежните институции, но и на оние од кои во поширокиот општествен контекст од кои зависи имплементација на економските мерки се добива впечаток дека свесно се дозволува затворање на претпријатијата од туристичко- угостителскиот сектор со што се загрозуваат огромен број работни места. Во услови кога деловните субјекти се оставени сами да се снаоѓаат излезот се бара во намалување на трошоците кои во услови на немање деловна активност значи редуцирање на работни места. Потенцираме дека доколку се дозволи затворање на работните места ќе бидат потребни многу повеќе средства и време за нивно повторно отворање отколку што е сега потребно за нивно одржување и во прашање се доведува дали воопшто некогаш ќе се отворат доколку згаснат претпријатијата – вели Ана Марија Алексова, член на Управен одбор на ТУК.

Таа потенцира и дека се ризикува да се најдеме во ситуација кога ќе се создадат услови за повторна активност на туристичкиот сектор да нема професионални и лиценцирани туристички агенции, професионални и лиценцирани туристички работници и водичи.

Тоа не треба да се дозволи во мала и отворена економијата како нашата во која туристичкиот сектор е еден од оние кои можат да дадат сериозен стимул за раст и развој по надминување на кризата. Очекуваме надлежните институции да овозможат помошта од петтиот пакет итно да биде исплатена, да се даде неповратна финансиска поддршка за дејностите кои се опфатени со рестриктивните мерки, како и да се преземат мерки за спас на претстојната туристичка сезона – изјави Алексова.

ТУК бара да биде редизајнирана економската мерка „ваучерите за туризам“ која и досега беше дел од пакетот за спас и за која има најава дека ќе продолжи. Имено потребно е во нејзината имплементација вклучување на сите сегменти на туристичката дејност. Тоа би подразбирало овие ваучери да бидат достапни и да се реализираат преку туристичките агенции, со вклучување на категоризирани хотелите, лиценцирани туристички водичи, превозниците од транспортниот сектор со што граѓаните би добиле комплетна услуга, а средствата кои се доделуваат како помош на тој начин би биле распределени на сите чинители на кои им е потребна.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content