Во заедничка акција на Бирото за јавна безбедност при МВР и на Царинската управа, вчера, на граничниот премин Богородица беа запленети 188,6 килограми марихуана и на тој начин е спречен меѓународен канал за шверц на дрога.
Две лица се приведени и против нив е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Во врска со акцијата, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на граничниот премин дадоа изјави за медиумите, при што истакнаа дека случајот е резултат на зајакнатата соработка и добро координирани акции на полициските и царинските службеници.
„Заедничката акција, која траеше неколку дена, покажува дека заеднички можеме во интерес на граѓаните. Криминалното мочуриште што го имаме во државата повеќе нема да го има. Ова не е место за нив. Заеднички координирано со Царинската управа координирано работиме во неколку области. Мора да бидеме координирани. Заедно покажуваме дека можеме да работиме силно и успешно за заеднички успеси и превенција на криминалот. Нема место за криминал. Македонија мора да биде на ниво на напредните држави. Системот и законите мора да владеат. Ги сузбиваме криминалот и корупцијата на сите нивоа“, истакна директорот Јанев.
„Царинската управа влезе во трага и спречи меѓународен канал за шверц на дрога. Во заедничка акција со Бирото за јавна безбедност на граничниот премин Богородица се запленети 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана, која требало да заврши во Турција.
Случајот го следиме подолго време, што на крајот успешно резултира со откривање на криминалната мрежа, која требало да оперира во неколку држави“, истакна Николовски.
Сторителите на кривичното дело, двајца возачи, едниот од Тетово, а другиот од Кумановско, на 8 февруари влегуваат на Блаце со камион и на 9 февруари едниот од нив го презема камионот и од место меѓу Куманово и Крива Паланка оди кон Богородица. На граничниот премин е извршена детаљна контрола на камионот, при што помеѓу компресирана рециклирана хартија во четири бали е пронајдена дрогата. Проценетата вредност на дрогата, информира Николовски, на црниот пазар изнесува 707 илјади евра.