Трипуновски: 40 милиони евра субвенции за тутунарите, исплата и за други гранки

99

Започна исплатата на субвенциите за тутун од минатогодишната берба, а на сметките на 14.500 одгледувачи на тутун од државата се префрлени скоро 40 милиони евра. Ова е рекордна сума, ако се има предвид дека лани беа произведени 24.000 тони тутун, изјави министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, кој денес го посети расадопроизводството на прилепскиот тутунар Ристо Џамбазов во околината на Прилеп.

“Ова е една рекордна исплата на субвенции во однос на произведен килограм тутун. Самата реколта тежеше 24.000 тони што е речиси двојно зголемување во споредба со претходната година.”

“Оваа исплата и оваа откупна сезона покажа дека ќе работиме да го вреднуваме трудот на македонскиот земјоделец, дека субвенциите ќе се исплаќаат редовно и Владата ќе продолжи да го поддржува овој сектор бидејќи е еден од битните сектори во нашата држава.”

“Ова е показател дека сакаме оваа земјоделска гранка да остане и да се проширува. Се надевам дека ова е доволен стимул за тутунопроизводителите”, изјави Трипуновски.

Оваа година се предвидува пораст во производството на тутун на 27.000 тони, бидејќи се склучени приближно 33.000 договори со купувачите, и тутунот ќе биде засаден на 14.000 хектари.

Трипуновски истакна дека за 10 месеци, со сите заостанати и тековни обврски, преку плаќања на субвенции, на земјоделците од сите категории им се исплатени речиси 8 милијарди денари, или приближно 130 милиони евра.

Се регулира и исплатата на средствата кон производителите на млеко. “Сакаме земјоделството да биде една од носечките економски гранки во нашата држава и да го зголемува и квантитетот на самото производство.”

“Што се однесува до млекопроизводителите, имаме чиста ситуација во однос на исплата на субвенции за 2024 година.”

93“Имаме исплатено околу 16 милиони евра субвенции, освен оние кои треба да се исплатат до јуни”, рече Трипуновски.

Министерот за земјоделство најави промени во програмата и уредбата за откупот на јагнињата, и се прифаќа барањето на сточарите да се намали обврската за испорака на јагниња во кланиците од 50 на 30 проценти.

“Одржав неколку состаноци со Сојузот на одгледувачи на овци и со кланиците кои се во регистрите на земјоделството. Практично, откупот на јагнето е во завршна фаза.”

“Анализите говорат дека имаме зголемување на откупната цена во споредба со минатата година, просекот е околу 230 денари.”

“Она што беше барање на одгледувачите на овци дека условот од 50 проценти од јагнињата предадени во кланиците, а поради нискиот откуп во јануари и февруари имавме многу прераснување на јагнето, како Министерство веќе размислуваме процентот од 50 насто да го намалиме на 30 проценти за да покажеме дека излегуваме во пресрет на секој земјоделец кој се соочува со одредени предизвици за да ги стимулираме да опстојат и да го зголемат своето стадо.”

“Во наредниов период ќе бидат изменети програмата и уредбата кои го дефинираат овој критериум”, изјави Трипуновски.

Трипуновски информираше дека каналската мрежа во земјата е исчистена и нема опасност од поплави, но потребна е и санација во идниот период.

“Се чистеше каналската мрежа и се подготвуваат системите за наводнување. Законскиот рок е 15 април да почне сезоната за наводнување.”

“Веќе во Тиквешијата и во Кочанскиот регион е пуштена водата за да стигне до земјоделските површини.”

“Тоа значи дека имаме функционален систем во исчистена каналска мрежа, потребна е и санација на дел од мрежата и ќе се работи тековно.”

“Опасност од излевање на речни корита мислам дека нема во овој период.”

“Будно ја следиме состојбата и благовремено ќе интервенираме”, рече министерот за земјоделство Цветан Трипуновски за време на денешната посета на Прилеп.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј Радио
Skip to content