Жителите на прилепско Оревоец одржаа едночасовна блокада изутринава од 7 до 8 часот на патот Прилеп-Плетвар, кај месноста Заполшки мост, револтирани од ископите на „Бехтел и Енка“ до селото и владината одлука за издавање концесија, а потоа се преселија пред зградата на Општината во центарот на Прилеп. Тие, велат дека не се откажуваат од протестите и бараат да се најде решение, а Одлуката на владата ќе ја оспорат на Управен суд.
– По донесената одлука на Владата на 24 јули за издавање концесија на „Бехтел и Енка“ и по нејзиното објавување откако дознавме, го организиравме денес овој помасовен протест и пред локалната самоуправа. Бевме повикани од градоначалникот Борче Јовчески. Свесен е за состојбата во која се наоѓа локалната самоуправа и можностите кои ги има на располагање. Добивме ветување дека градоначалникот, најдоцна до четврток, ќе организира работен состанок со директорот на ЈП за државни патишта и со нивни претставници, со цел да ги соочиме аргументите „за“ и „против“ отворањето на рудникот во селото Оревоец – изјави адвокатот Жаре Стеваноски.
Според него, до протести не би дошло доколку се одржел состанок со ЈП ДП и со министерот за транспорт и врски, кој го барале жителите.
Дополнително, во поткрепа на нашите аргументи ги имаме наодите на вештите лица кои, буквално укажуваат на опасноста која претстои од сите аспекти, во однос на животната средина и природата, и во однос на изворите и по однос на спротивставеноста на самата одлука со Законот, зашто за село Оревоец во 2022 година е донесен Детален урбанистички план, па така и за издадената концесија и оваа одлука е незаконита. Дополнително, одлуката на влада ќе ја оспориме пред Управниот суд – изјави Стеваноски.
Оревоец не е елитна населба, рече тој, туку живеалиште на 30-тина жители. Тие најавуваат дека ќе има протести до изнаоѓање решение.
– Остануваме на протестите зашто гледаме дека никој ништо не презема, па работите ги зедовме во свои раце. Овде станува збор за нашите животи, живеалишта, за животната средина и за водата. Очигледно со издавање на концесијата станува збор само за пари, зашто на концесијата јасно стои дека се издава за мермер. А патишта со мермерни плочки не се прават – вели жителот Дејан Ачкоски.
Жителите очекуваат Управниот суд во побрз можен рок да одлучува и во однос на владината одлука и во однос на времената мерка за запирање на ископите.