Телевизијата на владиката Петар која предизвика бура во јавноста уште не отворена ќе се вика Вистел.
Неговата компанија „Преобразба“ на 9 март во Централен Регистар го регистрираше Трговското радиодифузно друштво Вистел со седиште на улица „Гемиџиска“ во Скопје. Управител е запишан теологот Петар Каревски, кое е световното име на владиката Преспанско пелагониски, а во графата дејност се наведува емитување телевизиска програма.
„Преобразба“ на 7 ноември лани поднесе барање до АВМУ за отворање на телевизија од претежно забавен општ формат која ќе зрачи локално во Скопје и неколку скопски општини. Агенцијата дозволата ја додели на 27 февруари. Концесијата има важност од 9 години, а телевизијата има обврска да започне со работа од 1 мај, во спротивно ќе ѝ биде одземена дозволата, објави Телма.