Секоја телевизија ќе си има своја богата празнична новогодишна (воедно и божиќна програма), па доколку бидете дома, немојте да се секирате што не сте во некоја кафеана, ресторан или на некоја луда журка. Далечинскиот управувач нека ви е постојано во рака! Па, со него „скокајте“ од една до друга телевизија, и проверувајте си од време на време, која програма е според вашиот вкус…
Телевизиите во Македонија, по двогодишната пауза поради корона-пандемијата, се вратија во „нормала“. Новогодишните ТВ-емисии се снимени, во нив настапуваат најпопуларните домашни пејачи и пејачки на забавната, народната и рок-поп музиката, а за таква одлична атмосфера не се штедеа пари во нашите ТВ- куќи. Секоја телевизија ќе си има своја богата празнична новогодишна (воедно и божиќна програма), па ако бидете дома, немојте да се секирате што не сте во некоја кафеана, ресторан или на некоја луда журка. Одлична забава ќе обезбедат (најгледаните) македонски телевизии. За сечиј вкус! Ќе биде тоа вистинско телевизиско џингрлака. До рани зори! Затоа, далечинскиот управувач нека ви е постојано во рака! Па, со него „скокајте“ од една до друга телевизија, и проверувајте си од време на време, која програма е според вашиот вкус.
–
ТВ Алфа традиционално новогодишната програма ја снимаше во студијата на Балкан-мјузик-ТВ со голем број популарни македонски фолк-пејачи. Меѓу другите и со: Марјан Коцев, Елена Велевска, Спасен Силјановски, групата „Соната“, Јордан Митев, Стојне Николова… Еден од поатрактивните гости ќе биде кралот на добрата свирка – Ферус Мустафов, кој со својот инструмент (преку ТВ-екраните), на гледачите ќе им ја извади и последната капка пот кога со него ќе заиграте на звуците од познатите македонски чочеци… Домаќинката низ оваа програма на оваа телевизија ќе биде нивниот водителски бренд – Ирена Спировска. На ТВ Алфа нема да изостане (но, на 1 јануари) ниту познатата емисија за добра домашна храна „Вкусот на традицијата“ овој пат „обоена“ со некој од новогодишните рецепти на познатата Адријана Алачки.
–
ТВ Сител ќе ги развеселува гледачите со својата новогодишна „Мерак меана“, во која настапуваат (вообичаено) бројчано најмногу македонски фолк-пејачи. Па, така доколку останете на нивната фреквенција нема зошто да зажалите. Тарапана, пеење и лумпување е загарантирано сè до зори, кога потоа ќе можете да се „префрлите“ во магијата на некој од понудените играни филмови.
–
–
Во студијата на Македонската ТВ во текот на месец декември, по толку години, навистина се потрудија на нацијата да ѝ обезбедат многу шаренолика новогодишна програма. Од фолк-пејачите тука се: Виолета Томовска, Мишко Крстевски, Благица Павловска, Ленче Кукиќ, Ибуш Ибраимовски, Кате Танева, Сузана Спасовска, Росана Сариќ-Тодоровска… Како специјално изненадување е целовечерното Новогодишно ТВ-шоу на популарната Каролина Гочева. Таа самата, а и во придружба на своите гости: Лозано, Лара Иванова и Елена Ристеска ќе ги пее и старите и новите хитови. На тој начин ќе бидат задоволени вкусовите и на оние гледачи кои ја сакаат македонската забавна музика.
ТВ канал 5, после неколкугодишно „преземање“ на новогодишните програми на ТВ Гранд, за оваа Нова година во студиото на „Продукција Скендеровски“ сними сопствена програма. Во тоа празнично гламурозно шоу настапуваат поголем број од најпознати македонски пејачи од фолк и поп-музика: Ламбе Алабаковски, Јордан Митев, Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска, „Силви бенд“, Ефто Пупиновски, браќата од „Некст тајм“, Сузана Гавазова.