Талат и син му кој стана обвинител во извештајот на „Фридом Хаус“: Ги зацврсти перцепциите на јавноста за непотизмот во судството
„Фридом хаус“ во најновиот извештај ги критикува семејните врски помеѓу политичари и обвинители, а откако Академијата за судии и јавни обвинители го објави списокот на кој беа синови, ќерки и снаи на политичари со високи функции во Македонија. Во извештајот директно се споменува изборот на синот на Талат Џафери стана обвинител.
„Покрај тоа, назначувањето на нови обвинители и судии со семејни врски со истакнати политичари (вклучувајќи го и синот на претседателот на парламентот Талат Џафери) ги зацврсти перцепциите на јавноста за непотизмот во судството“, се вели во дел од извештајот.
Во него се потенцира дека „Корупцијата останува главна грижа и за јавноста и за другите меѓународни“.
Синот на Џафери беше избран за обвинител во мај минатата година. Бура од реакции имаше кога се дозна дека успеал да биде запишан на Академија и да полага правосуден испит без да има документација за завршен факултет, како што беше утврдено во постапката на Антикорупциската комисија. Но, на членовите на Советот на обвинители тоа не им пречеше.
Речиси 18 проценти од положените кандидати од минатата година, кои се идни судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители. Ова го покажува јавно објавената ранг-листа на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Од 58 кандидати, само еден го нема положено завршниот испит – но и тој подоцна успеа да добие „амин“ за да гони односно суди криминал. Во листата има и многу звучни имиња.