СУДСКИОТ РЕЗИЛ ПРОДОЛЖУВА: Ферати донел законска пресуда за прегазувањето на Теодора?!

100

Во повтореното судење за прегазувањето на Теодора Ристовска од Тетово судијата не можел да изрече повисока затворска казна од две години, како што пресудил Апелацискиот суд Скопје во првичната постапка, пресече денеска Судскиот совет откако работна група го разгледа предметот и го предаде на целокупниот состав на советот на разгледување.

И подружницата на Здружение на судии при Основниот суд Тетово денеска излезе со соопштение во кое детално се објаснува досегашната судска постапка поврзана со смртта на Теодора Ристовска почнувајќи од првото судење, одлуката на Апелацискиот суд Скопје и Врховниот суд па сè до последното судење во кое е изречена казна затвор во траење од две години за обвинетиот Енвер Пајазити.

„Согласно член 428 од Законот за кривичната постапка, ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција“, се вели во соопштението на Судскиот совет.

И судиите од Тетово денеска ја бранеа одлуката на нивниот колега Ељведин Ферати дека пресудата од две години затвор за обвинетиот возач Енвер Пајазити е исправна и е практично максималната казна што можела да се изрече во повтореното судење.

Како што велат судијката Верка Костовска која првиот пат го водеше судскиот процес, како и судијата Ељведин Ферати постапиле исклучиво согласно пропишаните законски норми.

„Судијата при одмерување на казната за обвинетиот ги имал во предвид како отежнувачките така и олеснувачките околностите, и тоа: начинот на кој е сторено кривичното дело, кривичната одговорност на обвинетиот, неговиот однос во судницата, околностите поврзани за видот, карактерот, тежината и сериозноста на кривичното дело, условите на патот, околноста дека покојната коловозот го поминувала на обележан пешачки премин, штетните последици кои настанале како резултат на инкримираното дејствие, околноста дека законските застапници на покојната се приклучиле кон кривичен прогон и истакнале имотно правно барање, околноста дека обвинетиот признал вина, изразил жалење за настанот, дека порано обвинетиот не бил осудуван и не се води постапка за друго кривично дело“, велат од Здужението на судии при Основниот суд Тетово.

Претходно, семејството на 22-годишната Теодора Ристовска, за чија смрт возачот кој ја прегази доби само две години казна затвор, испрати јавно соопштение во кое се заблагодарува на премиерот Христијан Мицкоски за реакцијата и поддршката.

-Почитувани, сакаме да иразиме искрена благодарност до целата јавност, исто така до медиумите, особено искажуваме благодарност до премиерот Христијан Мицкоски од семејството Ристовски за навремената реакција и поддршката за случајот за нашата сестра и ќерка Теодора. Искрено се надеваме дека Судскиот совет ќе изреагира адекватно во врска со скандалозната и срамна одлука на судијата од Тетово, Ељведин Ферати и имаме сомнеж како семејство дека позади оваа пресуда стојат политика, мито и корупција. Ние силно и натаму ќе се бориме за правда за Теодора, велат членовите на нејзиното семејство.

Тие јавно прашуваат зошто иницијативи како „Кој е следен” немаат покажано никаков интерес за нивниот случај, а само наводно се борат против трулиот и корумпиран систем…

-Ги немаше ниту на последното рочиште кога се изрече скандалозната одлука од само 2 години затвор за убиецот на сестра ми Теодора. Сметаме дека е доста од лажни иницијативи со скриени агенди каде жртвите се само средство за постигнување на туѓи цели и до толку повеќе уште еднаш јавно се заблагодаруваме на јасната и искрена поддршка на премиерот Мицкоски… Која очигледно дека и веднаш почна да дава резултати … Се надеваме дека будно ќе продолжите да го следите судскиот процес за нашата Теодора. Со почит, семејството Ристовски, се наведува во нивното соопштение.

„Ова не е правда! Тука имаме потфрлање на системот по сите основи“. Ова го истакна денес премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја пресудата на судот во Тетово од две години затвор за возачот кој ја усмрти 22-годишната Теодора Ристевска.

-Јас не само што сметам дека правдата не е задоволена, туку и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран, рече Мицкоски.

Свесен дека можеби ќе следуваат критики, но јавно побара од Судскиот совет да се преразгледа работењето на судијата.

-Јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се анализира оваа пресуда. Ова не е партиска борба, ова е битка за вистината, за одговорноста, за правдата. Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме. Ако овој систем не се ресетира сега, ако не се преземат мерки сега, тогаш за бадијала ни е се. Ова не е прашање за политика, ова е прашање на иднината. Кој бил дел од ова? Кој дозволил? Кој гледал на страна – ќе одговара! И институциите и одговорните лица и сите кои на било кој начин придонеле за оваа трагедија да се случи. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој кој го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со правдата. Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај, рече тој.

По сообраќајната несреќа во август 2022 година, сторителот кој ја прегази 22-годишната Теодора првично беше осуден на три години и шест месеци затвор. Апелациониот суд ја намали казната на две години, но Врховниот суд ги укина пресудите и го врати случајот на повторно судење. Судот во Тетово вчера повторно му досуди две години затвор на сторителот.

Пресудата за случајот на Теодора Ристевска предизвика силни реакции во јавноста. Многу луѓе изразија незадоволство и гнев на социјалните мрежи, сметајќи дека казната од две години затвор е премногу блага за сторителот. Семејството на Теодора е длабоко разочарано од пресудата. Дополнително, судијата кој ја донесе пресудата, Ељведин Ферати, беше критикуван поради сомнежи за неговиот интегритет дека си ги поправал оценките на Тетовскиот универзитет со пречкртување. Државниот просветен инспекторат минатата година утврди неправилности во неговите оценки, што доведе до предистрага од Скопското јавно обвинителство.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј Радио
Skip to content