Сугарески поднел кандидатура за градоначалник на Прилеп
Сугарески, кој во минатиот владин состав беше министер за транспорт и врски, вели дека сега е најпотребен во неговиот роден град и затоа влегува во трката за партиски кандидат за градоначалник на претстојните локални избори.
„Заклучив дека сега сум најпотребен меѓу своите, во период кога предизвиците се најголеми. Влегувам во демократска трка за кандидат за градоначалник на Општина Прилеп на локалните избори. Доколку ја добијам довербата на моите сопартијци, сигурен сум дека како кандидат на СДСМ, заедно со жителите на Прилеп ќе оствариме заедничка сенародна победа“, напиша на својот Фејсбук профил Сугарески.
Тој од понеделник кога му истекува шест месечниот мандат нема да биде в.д. директор на Царинската управа. Вели самиот се повлекува од оваа функција за фер борба во партискиот избор на кандидат за градоначалник.
„Јас целата своја досегашна политичка кариера ја поминав како политички фајтер кој никогаш не задавал удари под појас. Затоа сметам дека е единствено исправно и политички коректно на истекот на шестмесечниот мандат на в.д. директор да прекинам да ја обавувам јавната должност во Царинската управа. Не сакам да оставам ниту трошка сомнеж дека на било каков начин ќе го злоупотребам моето учество во извршната власт за да влијаам на постапката за избор на кандидат за градоначалник“, вели Сугарески, кој од понеделник се враќа на своето работно место во Општина Прилеп.