Сто и триесет години од основањето на Македонската револуционерна организација (МРО)

53

Нека ни е честит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Денеска се навршуваат 130 години од денот кога во Солун биле поставени темелите на Македонската револуционерна организација. Тоа е државен празник што се одбележува како Ден на македонската револуционерна борба, празник што ги става на пиедестал вековната борба и стремеж на македонскиот народ за формирање независна држава.
На 23 октомври 1893 година во Солун се одржал состанок во кој учествувале д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи, Антон Димитров и домаќинот на средбата Христо Батанџиев. На тој состанок била разгледана општата состојба во Македонија, а присутните заклучиле дека положбата на македонското население е неподнослива и за да се подобри е потребна една планомерна и сериозна акција. Била разгледана и опцијата самата османска власт да ја подобри положбата на христијаните преку реформи, но се согласиле дека тоа е невозможно. Откако ја отфрлиле оваа опција, едногласно се согласиле да се формира револуционерна организација.
Според Иван Хаџи Николов тогаш, меѓу другото, биле прифатени и начелата основачите да се Македонци, чесни, да се ползуваат со добро име и да живеат во Македонија, лозинката треба да биде Автономија на Македонија, организацијата треба да биде самостојна и независна – да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави.

Дамјан Груев – волјата на револуционерна Македонија

Дамјан (Даме) Груев е еден од основачите и најистакнати членови на Македонската револуционерна организација (МРО), честопати е воздигнуван како апостол и волјата на револуционерна Македонија. Потекнува од селото Смилево, а се школувал во родното село Смилево, Ресен и Битола, Солун и Белград и во Софија, каде што студирал историја на Високата школа. Во солунската егзархиска гимназија „Св. Кирил и Методиј“ (1887/1888) учествувал во големиот бунт на учениците во борбата против бугарската пропаганда во Македонија, со барање за воведување во настава на македонскиот народен говор, а во Гимназијата во Белград во бунтот против српската пропаганда. На Универзитетот во Софија го формирал Македонското студентско друштво, кое имало за цел ослободување на Македонија од османлиската власт.
Заедно со Петар Поп Арсов и со Иван Хаџи Николов формирал македонска револуционерна група, во која влегле: Андон Димитров, Христо Батанџиев и доктор Христо Татарчев. Оваа група ги поставила основите на Македонската револуционерна организација.
Османлиските власти го протерале во Битола (1898), каде што бил уапсен (август 1900) во врска со Попставревата афера и бил осуден на 10 години затвор. Од затворот во Битола одржувал врски, давал инструкции и ја раководел месната организација. Од Битола (мај 1902) бил префрлен во затворот во Подрум-Кале во Мала Азија, каде што бил заедно со Христо Татарчев и Христо Матов. Во затворот останал 10 месеци (до март 1903).
По амнестирањето се вратил во Македонија (во Смилево), а потоа заминал во Солун, каде што имал неколкудневна средба со Гоце Делчев, по прашањето за востанието. Даме одлуката за востанието ја прифатил како завршена работа и решен самиот да ја преземе фаталната одговорност. Оттука неговата изрека: Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!
По востанието, Даме останал во Битолско со народот за да работи на консолидирање на организацијата. Учествувал на подвижниот Прилепски конгрес (мај 1904), каде што се залагал за централизирана организација како тајна држава во османлиската држава, како подземна република. Претседавал на Рилскиот конгрес во 1905 година и бил избран за член на Централниот комитет. Се ангажирал за надминување на поделбите, меѓутоа единството постигнато на конгресот траело кратко. Груев одлучил да се врати на теренот во Македонија. Загинал во борбата на врвот Петлец кај Русиново. Населението од Русиново го погребало во дворот на селската црква. Подоцна неговите телесни останки биле пренесени во Смилево.

Петар Поп Арсов – авторот на стамболовштината во Македонија

Петар Поп Арсов е истакнат македонски национален херој, филолог, револуционер, еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација (МРО), долгогодишен член на ЦК, задграничен претставник на организацијата, автор на Првиот устав на МРО, идеолог, книжевник, публицист, борец за национално, културно и духовно издигање на македонскиот народ. Поборник за македонската самобитност. Борец за воспоставување самостојна независна држава Македонија, за изградување независна македонска црква и образование и македонскиот литературен јазик и правопис.
Бил уредник на списанието „Лоза“, официјално списание на Младата македонска книжевна дружина, четири броја. Го објавил прозниот расказ „На Мокров“ во „Лоза“, (дејството е локализирано во родната Богомила, секојдневие од животот на поробената Македонија, во него за првпат се употребени меките македонски согласки и формата на графемите, потоа редовната употреба на тројниот член). По прашањето за изградување македонски литературен јазик и правопис, Арсов сметал дека најприфатлива основа е живиот говорен македонски народен јазик и фонетски правопис како принцип при конечното оформување. Ја напишал брошурата „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, под псевдонимот Вардарски, во која ја демаскирал бугарската асимилаторска политика во Македонија. Во четвртиот број на билтенот на Привременото претставништво на поранешната Внатрешна организација ја објавил статијата „Распни ја“. Во осмиот број, статијата „Потеклото на револуционерното движење во Македонија и првите чекори на Солунскиот комитет за придобивање политички права на Македонија дадени со Берлинскиот договор“. Објавувал и алегорична поезија – „Бабуна, велика македонска планина“.
Петар Поп Арсов е единствениот основоположник на МРО што го потпишал апелот на привременото претставништво на поранешната ВМРО, со кој се барало воспоставување на Македонија како самостојна и независна држава на Балканот во нејзините природни и географски граници. Решенијата на Париската мировна конференција, која всушност со мали измени ја потврдила одлуката од Букурешкиот мировен договор, било причина за големата разочараност кај него и повлекување од јавната политичка сцена.

Христо Татарчев – докторот што ѝ го посвети животот на Македонија

Христо Татарчев е еден од основачите на Македонската револуционерна организација (МРО) и прв претседател на Централниот комитет. Завршил гимназија во Пловдив, а медицина во Цирих и Берлин. Во 1901 бил уапсен и заточен во Подрум Кале. По амнестирањето бил член на Задграничното претставништво на ЦК на ТМОРО. Бил и еден од основачите на Македонската федеративна организација. Поради отворените закани од ВМРО на Тодор Александров бил принуден да емигрира во Италија. Автор е на статии и публикации за македонското прашање.
Својата револуционерна дејност Татарчев ја продолжил и по Илинденското востание. Тој не бил избран за делегат, па, според тоа, не учествувал на Рилскиот конгрес во октомври 1905 година. По конгресот, повеќе не бил член на Задграничното претставништво на ВМОРО. Потоа блиску соработувал со десната струја во организацијата, поради што влегол во судир со Серската група на Јане Сандански и не учествувал во дејноста на организацијата до Ќустендилскиот конгрес, кога дошло до дефинитивен раскол во организацијата. На овој конгрес тој бил избран за задграничен претставник, заедно со Тодор Лазаров, Пејо Јаворов и Христо Силјанов.
Во текот на јануари 1919 година ги поддржал мислењата на групата од „Бившата ВРО од Западна Македонија“, но не го потпишал нејзиниот Апел од 9 март 1919 година само затоа што, според него, не било доволно интонирано националното прашање. По Првата светска војна, Татарчев продолжил со својата револуционерна дејност. Во есента 1920 година учествувал во создавањето на Македонската федеративна организација, меѓутоа ,поради недоразбирањата што ги имал со Тодор Александров морал да ја напушти Бугарија и со своето семејство се населил во Торино, Италија. Меѓу двете светски војни, Татарчев напишал голем број статии во весниците „Македонија“, „Вардар“ и др. Татарчев починал во Торино на 5 јануари 1952 година.

Иван Хаџи Николов – книжарот од Солун

Иван Хаџи Николов е истакнат македонски револуционер, општественик, книжар, трговец и еден од основачите на Македонската револуционерна организација (МРО). Потекнува од Кукуш, завршил егзархиско класно училиште, а во 1888 година – трговска академија во Линц, Австрија. Под влијание на политичките настани, од втората половина на 70-тите години на 19 век, на Балканскиот Полуостров, кај Хаџи Николов се јавило едно револуционерно расположение и со неколку свои другари намислил да формира револуционерна организација за да се организира востание во Македонија против османлиската власт.
Во периодот 1879-1892 година бил учител во Костенец, а по покана на Кузман Шапкарев се вратил во Македонија и учителствувал во Воден, Кукуш, Лерин и Солун. ОД 1888 до 1892 година предавал аритметика и сметководство во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. На 11 септември 1893 отворил книжарница во Солун. Неговата книжарницата издавала различни учебници, уметничка литература и др.
На 23 јануари 1901 година започнала Солунската афера, поради која на 7 мај 1901 година Хаџи Николов бил осуден на доживотен затвор во Подрум Кале. Во Подрум Кале останал до август 1902 година. Во почетокот на септември 1902 година пристигнува во Солун и учествува на состанокот на кој биле разгледани случувањата во Македонија. По таа средба Хаџи Николов заминал за Софија, а таму учествувал во советувањата по прашањето за востание во Македонија. Меѓутоа, по Солунската афера и враќањето од затвор, Хаџи Николов го немал она поранешно значење во организацијата и потиснат од младиот револуционерен кадар постепено се повлекол од учеството во македонското револуционерно дело. До крајот на својот живот живеел во Софија и се самоубил на 9 јули 1934 година.

Андон Димитров – претседател на македонските братства

Андон Димитров е роден во селото Ајватово. Во 1889 година завршил во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, потоа студирал право на Вишото училиште во Цариград и на Универзитетот во Лиеж (Белгија). Се вратил во Солун и се вработил во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ како учител по бугарски јазик, а таму предавал во периодот меѓу 1892 и 1897 година, а од 1894 година предавал и во турската гимназија во градот. Автор е на учебници по турски јазик и по географија.
Во периодот помеѓу 1897 и 1899 година бил учител во Битолската егзархиска гимназија. Додека работел како учител во Битола, наставниот кадар бил поларизиран на две групи – егзархисти и симпатизери на МРО, а Димитров бил раководител на втората група. Активна улога имал и во училишниот бунт од 26 мај 1899 во Битолската гимназија. Повод за бунтот било барањето на професорот по историја Цонев – црковните книги да се преведат од црковнословенски на месниот дијалект. Во ноември 1903 година станал директор на егзархиските училишта во Прилеп, а во 1904 година бил избран за член судија на битолскиот апелациски суд.
Во 1908 година Антон Димитров бил посредник меѓу младотурците и битолскиот четнички раководител на Македонската револуционерна организација, Милан Матов, а со помошта на Димитров се постигнал договор за соработка меѓу двете страни за претстојната револуција.
По завршувањето на Првата балканска војна се вратил во Македонија, но новите српски и грчки власти го проследувале и тајно заминал за Бугарија. Таму ја помагал дејноста на Сојузот на македонските културно-просветни благотворителни братства и како негов претставник учествувал во тајните преговори меѓу Бугарија и Османлиското Царство, со цел Македонија да добие автономија. Во 1920 година бил избран за претседател на Извршниот комитет на македонските братства во Бугарија, а по расцепот станал член на новоформираниот Федеративен македонски комитет, но по големите делби во македонското ослободително движење се повлекол од активно учество во него. Андон Димитров се самоубил на 13 март 1933 година во Софија.

Христо Батанџиев – човекот во чија куќа била основана
организацијата

Христо Батанџиев е роден во Гуменџе. Се школувал во родното село, каде што подоцна и учителствувал. Најпрво работел како учител во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, а потоа бил секретар во солунската црковна училишна општина и егзархиската митрополија во Солун. Како македонски патриот, загрижен за судбината на Македонија, им пристапил на групата македонски интелектуалци истомисленици, со кои во Солун ја основале Македонската револуционерна организација. Организацијата е основана на 23 октомври 1893 година во неговото живеалиште.
Во текот на Балканските војни, Батанџиев заедно со уште 183 други Македонци од Солун и Солунско бил уапсен од грчката војска. Некои од нив, вклучувајќи го и Батанџиев, требало да бидат интернирани со брод од Солун до островот Трикери. Загинал заедно со архимандритот Евлогиј во 1913 година, бил фрлен и удавен во Егејско Море од страна на Грците.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content